Секојдневно е во пораст бројот на починати како последица од коронавирусот – во изминатото деноноќие беа евидентирани 32, од кои најмладиот на 32 години од Делчево.
Владата вчера на седница ги дополни важечките антиковид-мерки. Донесена е одлука нашите граѓани кои по 1 септември ќе влегуаат во државата да поминат седум дена во карантин доколку немаат една од трите медицински потврди – негативен ПЦР-тест или серификатите за вакцинација односно за прележан КОВИД-19.
Утре ќе биде една и пол година од првиот дијагностициран во земјава (26 февруари 2020) и почетокот на епидемијата – бројот на заразени оттогаш достигна 170 412, оздравени се 152 916, а 5727 луѓе ја загубија битката со опасниот вирус. Вчерашната статистика бележи 1210 новозаразени што го зголеми дополнително бројот на активни случаи. Нив ги има 11 769 во државата, повеќе од третина (4150) се во Скопје. Четирицифрени активни случаи има и во Тетово (1911) и Гостивар (1494), висок е бројот и во Куманово (768), Кичево (560), Струмица (554) и Струга (353), а над двесте имаат Охрид (294) и Битола (213).
За да се подигне колективниот имунитет, се апелира на масовна вакцинација бидејќи во четвртиот бран на КОВИД-19 со компликации од болеста и со смртен исход се неимунизирани, а меѓу нив има и млади пациенти и голем број на кислородна поддршка.
Рестриктивните мерки го зголемија интересот за вакцина – заклучно со понеделникот вакцина примиле 674 510 граѓани, од кои со две дози односно целосно имунизирани се 503 401. За да се намалат метежите и редиците во здравствените домови, најдоцна утре, како што викендот најави министерот за здравство Венко Филипче, повторно ќе се отвори пункт во А1 Арена „Борис Трајковски“ со 20-ина места за вакцинација.
Владата вчера на седница донесе измени и дополнувања на мерките за спречување на ширењето на КОВИД-19, според кои се дозволуваат спортски натпревари со присуство на публика, настани од културата, работа на ресторани, кафетерии, обложувалници, концерти, семинари, работилници и други настани на затворено со 30 проценти исполнетост на капацитетот на просторот, а на отворено до 50 отсто од капацитетот, со почитување на антиковид-протоколите и поседување сертификат за најмалку прва доза примена вакцина или сертификат за прележаност на коронавирусот, но не постар од 45 дена од денот на оздравувањето.
Останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти во затворените делови на угостителските објекти и во објекти од затворен тип. За влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни, задолжително е приложување сертификати за примена вакцина и за прележан КОВИД-19 не постар од 45 дена, за лица над 18-годишна возраст. Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, како и за влез во затворениот дел од моловите.
За друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30 отсто од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1000, со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните КОВИД-19 документи.
Од 1 септември домашните и странските државјани ќе може да влезат во државата доколку на граничниот премин приложат сертификат за примени две дози вакцина или сертификат за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, или со негативен резултат од ПЦР-тест направен 72 часа пред влез во земјава. Нашите граѓани кои ќе немаат ниту една од трите потврди, ќе поминат седумдневен карантин домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Странските државјани кои транзитираат низ земјава без овие документи, пак, ќе треба да ја напуштат за пет часа, со тоа што изјавата што ќе ја потпишат на влез ќе ја покажат на граничната контрола на излезот од државата.