Бугарскиот претседател Румен Радев денеска и го предаде третиот истражувачки мандат за формирање на нова влада на Бугарската социјалистичка партија, третопласираната партија на последните парламентарни избори, оддржани на 11 јули. Мандатот го прими, лидерот на БСП, Корнелија Нинова.
-Избрав третиот мандат да и го дадам на БСП , а има многу причини за тоа. БСП ги исполнува вредностите на слободата и солидарноста. БСП ја зачува отвореноста и дијалогот во последните напори за формирање влада. Верувам дека овие илјадници чесни луѓе се гарант дека третиот мандат ќе се искористи за формирање кабинет околу јасни вредности, изјави Радев, при предавањето на третиот мандат на лидерката Нинова, јави БГНЕС.
„На Бугарија и треба влада. Со Уредбата 218 Ви наредувам да го соопштите кандидатот за премиер“, и се обрати претседателот на Нинова.
Лидерката на БСП од своја страна кажа дека во партијата ја разбираат одговорноста што ја преземаат.
-Ќе ги вложиме сите напори да формираме редовна влада, која ќе преземе мерки за реформи, мерки за промени, за во следните месеци да ја обезбедиме стабилноста на Бугарија. Ќе се обидеме да видиме како можеме да дадеме гаранции за безбедноста и стабилноста. Ви благодарам, му порача Нинова на претседателот откако го доби мандатот.
По излегувањето од средбата Нинова на медиумите им изјави дека сега следува период на здрав разум, мудрост, смиреност, земајќи ги предвид предизвиците со кои се соочува земјата и вложувајќи сериозни напори за формирање кабинет и мнозинство во парламентот.
Таа додаде дека уште денеска БСП ќе се обрати до другите партии за распоредот на разговорите и ќе го извести парламентот.
-Пред нас се два избора – еден да формираме редовна влада или да излеземе на избори. Сите се согласуваат дека доаѓаат кризи, на кои мора да одговориме смирено и разумно. Во првиот мандат имаше проблеми со министрите, бидејќи имаше готови решенија, сега предлагаме да седнеме и да разговараме за решенијата, додаде Нинова.
„Следниот петок треба да дојдеме кај претседателот со предлогот за премиер“, прецизира таа.
-Постои ризик ребалансот на буџетот на сегашниот владин кабинет да не го собере потребното мнозинство за изгласување. Ние го гледаме ребалансот на буџетот како можност за формирање мнозинство, коментираше Нинова.