Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски ќе се трка за уште еден мандат, овојпат како независен кандидат.
Актуелниот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски одлучи повеќе да не чека на поддршката од матичната СДСМ и ќе бара од кумановци втор мандат овојпат како независен кандидат. Веќе ја почнал процедурата за собирање потписи и очекува да ги собере до истекот на рокот во понеделник на полноќ.
Според најавите, Димитриевски ќе настапи и со независна листа на советници, а носителка ќе биде жена.
На оваа одлука на Димитриевски, одговорот од неговата партија е дека СДСМ неговиот потег го олеснува изборот на кумановци, а партијата ќе ја даде најдобрата понуда за Куманово.
„Тој што им врти грб на граѓаните, на поддржувачите на демократската и прогресивната опција, на членството и базата на СДСМ, не може да биде најдобра опција за кумановци. За СДСМ, интересот на граѓаните на Куманово бил и секогаш ќе биде пред интересот на Максим Димитриевски или бил чиј друг личен интерес“, велат од СДСМ во реакција на кандидатурата на Димитриевски.