Во оваа кратка верзија од романот, која, во делови, ќе излегува секој петок во весникот „ДЕНЕШЕН“ се испреплетуваат историските вистини за Кирил и Методиј, дозирана фикција со суштинската потреба за здраво семејство како основна клетка во општеството од каде потекнуваат сите борби и кое е засолниште од сите животни бури и борби. Романот претставува критика и напуштање на стереотипните ликови од модерната книжевност, каде ликовите се или самци или разведени или вдов(и)ци. Опишани се паралелни дејства: едните во денешното време, други во минатото, кои ги поврзуваат позитивните карактерни особини: стремежот за слобода, еднаквост, знаење, творештво и истрајност во напорите да се прави добрина и кои во расплетот се соединуваат. Делото настанува поради јубилејот кој треба да настапи во блиска иднина: во 2023 година се одбележува 1160-годишнината од создавањето на првата словенска азбука, која пак за свој темел го има јазикот на македонските Словени во околината на Солун.

Пишува Дарко РУСЕВСКИ

Глава 19

Екстремно студен ноемвриски ден. Венеција. Народот се беше насобрал околу црквата каде пристигнаа К. и Методиј. К. тешко дишеше. Студот му го одземаше здивот, но и онака кревката снага на К. Едвај се симна од коњот и подзгрбавен се затетерави по земјата, едвај се задржа за седлото на коњот да земе сила. Методиј го зеде под рака и го однесе до вратата на црквата. Кога влегоа внатре имаше насобрано многу народ, сите свештени лица. Го гледаа со презир и потсмев. Му се муртеа о се тргаа од него кога сакаше да помине. Застана во празниот круг во средината на црквата близу столбот кој се извишуваше до сводот кој го држеше едниот дел од наосот. Уште не си ја собра снагата кога почнаа нападите и тоа најпрвин од патријархот. Тој стана од својот престол и започна да го обвинува небаре К. се наоѓа во суд и чека пресуда за сторените дела.

„Човече, кажи ни како си им ги создал на Словените книгите и ги учиш од нив, што досега никој не измислил, ниту апостолите, ниту римскиот папа, ниту Григориј Богослов, ниту Јероним ниту Августин. Ние знаеме само три јазици на кои е достојно да се слави Бог со помош на писмо: еврејски, грчки и латински ?“- го запраша патријархот.

Снемуваше воздух, зеде здив накратко и продолжи … „ не врне ли дожд подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите подеднакво? Па, тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви? “- беседеше К. во црквата каде присуствуваа и многу тријазични латински свештеници кои се нафрлија на него како врани на сокол:

„Како можеш да кажеш такво богохулие, нечеснику?“- викна еден од масата свештеници.

Патријархот ги смируваше свештениците за да се изјасни К. „ Тишина! Да го сослушаме!

Одеднаш доби сила да беседи, му дојде сето знаење пред очи, зеде здив и продолжи :

„Пејте Му на Господа нова песна: -и се повтори К.- : Пејте кон Господа, по целата земја, пејте и радувајте му се – а пак на друго место стои – сета земја да те обожува тебе и да ти пее Тебе, нека го пее Твоето име, Севишен -и пак продолжи- :„ Славете го Бога, сите народи,фалете го сите луѓе -и- Секој здив да го фали Господа. – Во Евангелието се вели- : „ на сите што го примија, им даде власт да станат Божји деца.”

-Потоа, штом се подисправи К и се оттргна од сводот продолжи: „ Не молам само за нив, но исто така и за оние кои веруваат во мене преку своето слово, нека бидат сите едно, како Ти, Таткото – во мене, и јас – за да бидат сите едно; како што си Ти, Татко, во Мене, и Јас во Тебе “- а Матеј вели-, „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата. Затоа одете и научете ги сите народи, крстете ги во името на Таткото, Синот и Светиот Дух и учете ги да чуваат се што сум ви заповедал, и Јас ќе сум тука со вас секогаш, до крајот на времето. Амин “. И Марко исто така вели: „ и им рече: „Одете по целиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание! .Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден. А овие знаци ќе ги придружуваат оние, кои поверувале: во Мое име ќе истеруваат зли духови; ќе зборуваат нови јазици; “, – исто така, вели за вас- : „ горко ви вам, книжници, зашто го зедовте клучот од знаењето – сами не влеговте, а им попречивте на оние, кои сакаа да влезат.”

Погледна околу себе. Завладеа молк. Дури К. можеше и да ги слушне птиците надвор од црквата. Овој молк го смири К. и рече: “Апостол Павле рекол: Би сакал сите да зборувате јазици, а уште повеќе да пророкувате; зашто, оној, кој пророкува е поголем од оној, кој зборува јазици; освен ако ги толкува, та заедницата да добие надградба.”

„А сега, браќа, ако дојдам при вас и ви зборувам на непознати јазици, каква полза ќе имате од мене, ако не ви соопштам или по пат на откровение, или знаење, или пророштво, или поука? И бездушните нешта, што даваат глас, како свиролот или харфата, ако не даваат различни звуци, како ќе се познае свирењето на свиролот или харфата? Ако трубата дава неопределен звук, кој ќе се подготвува за бој? Така и вие: ако со јазикот не изговарате разбирливи зборови, како ќе се разбере што зборувате? Ќе зборувате во ветер. Во светот има кој знае колку разни гласови, и ниеден не е без значење, или, ако не го познавам значењето на говорот, ќе му бидам странец на оној, кој зборува; а оној кој зборува, ќе ми биде туѓинец мене.Така и вие, бидејќи покажувате ревност за духовните нешта, настојувајте да ги имате во изобилство за надградба на црквата! Затоа оној кој зборува на јазик, нека се моли за да може да го толкува. Зашто, ако се молам на непознат јазик, мојот дух се моли, но мојот ум останува без плод. Што значи тоа? Ќе се молам со духот, но ќе се молам и со умот; ќе пеам со духот, но ќе пеам и со умот. Зашто ако ти благословуваш со духот, како неупатениот ќе рече: „Амин”, на твоето благодарење, кога не знае што зборуваш? Зашто, ти навистина благодариш, но другиот не се надградува. Му благодарам на Бога дека зборувам повеќе јазици од сите вас; но во заедницата повеќе сакам да речам пет збора со мојот ум, за да ги поучувам и другите, отколку десет илјади зборови на непознат јазик. Браќа, не бидете деца во умот, туку бидете младенци во злобата, а во умот бидете зрели луѓе! “

Во салата од кај прозорците на сводот навлегуваше необјаснива продорна светлина. Дури и на Бог му беше мило што го слуша К. Откако го виде тој Божји знак, не остана смирен додека не ги докрајчи. Топлина го облеа по телото. Непоколебливо додаде:

„ Во Законот е напишано: „Преку луѓе, кои говорат на друг јазик и преку усните на туѓинци, ќе му зборувам на овој народ, но и тогаш нема да Ме послушаат – говори Господ.” „Затоа јазиците се знак не за оние кои веруваат, туку за неверниците; пророштвото пак не е за неверниците, туку за оние, кои веруваат. Ако пак целата црква се собере на едно место, и ако сите зборуваат на непознати јазици, и ако влезат неупатени или неверници, нема ли да речат дека зло творите? Но, ако сите пророкувате, а влезе некој неверник или неупатен, од сите е уверен, и од сите е осуден; тајните на неговото срце се откриваат. И откако ќе падне на своето лице, ќе Го прослави Бога и ќе исповеда дека Бог е навистина меѓу вас. Што тогаш, браќа? Кога се собирате, секој од вас има псалм, има поука, има откровение, има јазик, има толкување. Сè нека биде за создавање. Ако некој зборува на јазик; нека зборуваат по двајца, или најмногу по тројца, и тоа по ред, а еден нека толкува! Ако нема толкувач, нека молчи во црквата; и нека си зборува сам на себе и на Бога! Пророците пак нека зборуваат двајца или тројца, а другите нека толкуваат. Ако некому, од седнатите, му дојде откровение, првиот нека замолчи! Зашто сите можете да пророкувате, еден по еден, за да се поучуваат сите и за да се утешат сите. И пророчките духови им се покоруваат на пророците, оти Бог не е Бог на безредието, туку на светот. Ова е – заповед на Господ. А кој не го разбира. Затоа, не браќа, не љубоморете на оние кои пророкуваат, и не им забранувајте да зборуваат на јазици.Туку подобро се во верата и според службата-нека биде “И повторно рече:” и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бог Таткото “.Амин.”

Од бес затоа што ги засрами тројазичниците, сите се разбегаа. За многу кратко време немаше никој во црквата. Го немаше ни патријархот. Свештениците кои седеа и запишуваа што беседеше К., го  испокинаа напишаното од гнев и ги оставија така да трунат на подот. Само еден од запишувачите стоеше на излезот на страничната врата во црквата. Ги виткаше хартиите од говорот и ги стави во кожна пачка. Се сврте кон Методиј и му рече:

„ Новиот папа мора да го знае ова. Јас сум човек од науката и не се срамам од тоа што не излегов како победник од разговорот. Напротив, од ваквите разговори може многу да се научи.“

Не толку далеку од вратата се слушаше како тој заедно со коњот се одалечуваат од местото.

Методиј се приближуваше до К. кој веќе беше седнал на столот покрај олтарот каде седеше еден од запишувачите.

„ ….треба да одиме К. Не гледам зошто се задржуваме овде?“

Не доби никаков одговор. Го забрза чекорот и стигна до столот каде се гледаше потпреното рамо и глава на К.

К. не можел да ја задржи повеќе снагата и заспал.

Методиј не можеше да го остави брат му сам. Седна на скалите пред влезот во олтарот и потона во своите грижи.

Не ја испуштај снагата К.! Му требаш на Севишниот да го довршиш своето дело. А им требаш и на народите кои бараат спас и утеха во тебе.