Случајот со Милески Кичеец, предизвика реакција и кај шефот на државата Стево Пендаровски. Тој во гостување во 360 степени, вели дека овој случај е апсурд и од човечки, од правен, од политички, но и од кривично-правен аспект.

„Во ниту еден светски медиум никаде во светот на ниту еден континент не сум прочитал да има ваков настан дека човек кој е во затвор направил сообраќајка. Особено со двајца странски државјани, нешто кое посебно ме интересира кои се тие странски државјани, дали можеби некој е двоен државјанин, македонско и тоа другото и тоа ќе биде интересно да се види, а тоа истрагата ќе треба да го покаже дали е точно. Навистина не можам да разберам и како правник меѓудругото, како човек кој е во затвор и во тој момент треба да служи затворска казна вие му давате мерка притвор. Значи, човек кој е во затвор добива мерка притвор, не, тој треба да се врати во затвор“, рече Пендаровски.

Милески е осомничен дека ја предизвикал тешката сообраќајна несреќа кај Стража во која загина едно лице, а седуммина беа повредени. Обвинителството го соминичи дека управувајќи го својот автомобил, Мерцедес, тој претекнал на две полни линии и се судрил со две возила.

Инаку, Зоран Милески – Кичеец е осуден на три години затвор во случајот „Рекет“. Јавноста бурно реагираше дека Милески наместо на издржување казна затвор бил пуштен слободно да се шета. Од Управата за извршување санкции пак се правдаа дека тој добил едномесечен прекин на затворската казна, по барање на лмедицински лица кои препорачале да се лекува од тахикардија и стрес.