Високи претставници на Кина, Русија, Пакистан и Иран се согласија да ја зајакнат комуникацијата и координацијата за Авганистан, објави денеска кинеската медиумска група (ЦМГ).
Кинескиот државен советник и министер за надворешни работи Ванг Ји, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, пакистанскиот министер за надворешни работи Шах Махмуд Куреши и иранскиот помошник министер за надворешни работи Сајед Расул Мусави постигнаа консензус на неформалниот состанок за Авганистан во таџикистанскиот главен град Душанбе.
Ванг изјави дека четирите земји треба да ја зајакнат комуникацијата и координацијата, да бидат едногласни, да направат позитивно влијание и да одиграат конструктивна улога во стабилизирањето на ситуацијата во Авганистан, додаде ЦМГ.
Земјите во регионот очекуваат новата авганистанска Влада да биде инклузивна, антитерористичка и пријателска кон своите соседи, нагласи тој.