Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва гостуваше во дебатната емисија на Тв Шења каде одговараше на повеќе актуелни прашања.
Во еден момент новинарот го запраша за коментар но како обичен граѓанин а не како лидер на опозиција, за трагедијата која неодамна се случи во модуларната болница во Тетово каде што животот од настанатиот пожар го загубија 14 лица.
Мицкоски објасни дека тој најдобро може да се стави во нивна кожа бидејќи и тој самиот лежеше на инфективната клиника каде се лекуваше од вирусот Ковид-19, но и пренесе едно навистина траорно сведоштво на сведок од тетовската модуларна болница.
-Јас можам буквално да се ставам во нивните чевли, бидејќи и јас лежев на Инфективната клиника две недели и бев сведок како човек до мене го губи својот живот. И самото тоа е доволно траорно и болно и затоа можам да се ставам буквално во нивните чевли, колку и да сакаат овие од власта да кажат дека тоа го политизираме или го злоупотребуваме, и колку и да сакам јас да ги убедам во спротивното, не можам да ги убедам затоа што тие не го чувствуваат тоа што јас го чувствувам. Но ќе ви пренесам едно сведоштво на еден човек кој што го посетив кој вели: Ја кренав во раце својата мајка, и она ми рече спаси го брат ти и ти спаси се, остави ме мене и сега таа е покојна. Таа изгоре, тие се спасија со неговиот брат и така заврши еден човечки живот. Беше во модуларната болница за да ја излечат, за жал заврши на ваков начин еве како што јас сега ви кажувам. Што повеќе да зборуваме, има ли повеќе од ова да се зборува, пренесе Мицкоски.
Во однос на коалцијата со АА, тој истакна:
„Она кое што се обидовме да го расчистиме уште при нашата прва средба и со Зијадин Села и со Африм Гаши е дека оваа наша различност треба да биде наша предност и да не обедини“,истакна вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при гостување во емисија на ТВ Шења.
Мицкоски додаде дека токму тоа обединување е за подобро утре на сите граѓани на Македонија.
Зборувајќи за изборната трка во Скопје, Мицкоски истакна дека кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ е вистински победник и препознаена како човек кој може да обедини и да направи суштински промени во Скопје.
-На нашата прва средба со Данела Арсовска, во неа препознав исклучително мотивиран и храбар лик, којшто е подготвен да се фати во костец со проблемите и да ги решава, на анкетите го препознавме и увидовме потенцијалот којшто таа го поседува, зборувам нумерички во поддршката која ја ужива кај граѓаните, и тоа кај оние граѓани кои се надвор од партиските матрици, без разлика дали е тоа ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ или друга партија, зборувам и за оние кои не се сигурни во кого би гласале, како и во оние етникуми кои се различни од македонскиот, а се дел од градот Скопје, тие препознаа човек кој може да обедини, истакна Мицкоски.
Тој вели дека сето ова го мотивирало ВМРО-ДПМНЕ да продолжи да ги гради односите со кандидатката за градоначалник, која е дел од тимот на обучувачи на кадрите од земјите Г20 групата на најразвиените земји во светот, и кога сето ова ќе се стави во нејзиниот профил таа е вистински победник.