Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска треба да допатува во Скопје.
Предвидено е Вархеји да има средба со премиерот Зоран Заев на која ќе стане збор за напредокот во процесот на евроинтеграција на земјите од Западен Балкан. Се очекува во фокусот да биде надминувањето на бугарската блокада за старт на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
Од ЕК посочуваат дека еврокомесарот Вархеји е во комуникација со сите релевантни страни во однос на дискусијата за почеток на преговорите со Македонија и Албанија што е можно поскоро.
Вархеји минатата недела беше во Бугарија каде што со претседателот Румен Радев и техничкиот министер за надворешни работи Светлан Стоев разговараше за отстранување на бугарската блокада за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.
Посетата на Вархеји на Скопје следува еден ден по посетата на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која на разговорите со властите во земјава исто така разговараша и за спорот со Бугарија и негово надминување. Таа изрази уверување дека е можно надминување на блокадата од Софија и одржување на првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија до крајот на годинава.
Вчера при пристигнувањето пред Владата во Скопје, каде што ја чекаше Заев, фон дер Лајен при поздравувањето со актуелниот премиер упати пофални зборови за изгледот на „куќата на Владата“. Заев ја премолча оваа забелешка. Како што е познато новиот лик на седиштето на македонската Влада беше направен за време на мандатот на поранешниот премиер Никола Груевски, а по доаѓањето на власт на Заев, кој најавуваше уривање на „спомениците од Скопје 2014“, ја урна само оградата од Владата и ја замени со грда полициска ограда. А блиндираниот „мерцедес на Груевски“ продолжи да го вози.
Брисел и Скопје очекуваат решение со Бугарија и почеток на преговорите до крајот на годината
Можно е решение за отстранување на блокадата од Софија и старт на преговорите со Македонија до крајот на годината, изразија уверување вчера во Скопје претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и премиерот Зоран Заев.
Фон дер Лајен истакна дека целта на ЕК е почеток на пристапниот процес со Македонија и Албанија пред крајот на годината, и оти за надминување на последната пречка на нашата евроинтерграција Брисел разговара и со двете страни – со Скопје и Софија.
-Со двете страни работиме и разговараме и со Бугарија со цел да ја надминеме оваа последна пречка. Има многу работа. Сметам дека е добар процес, многу разговори, затоа што има многу теми коишто можат да се решат со добар дијалог, со инвестирање на добри идеи за тоа како да се решат проблемите. Севкупната цел е да се започне со пристапниот процес којшто веќе не треба да биде попречуван и затоа кажав дека нашата цел е до крај на годината да започнеме со првата меѓувладина конференција, рече Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК во однос на прашањето дали доколку спорот со Бугарија не биде решен пакетот Македонија – Албанија ќе биде разделен во декември или напролет, подвлече дека за Брисел е важно да се фокусира на испорачување резултати сега, односно до крајот на годината.
– Вистина е дека иднината на С. Македонија е во ЕУ и ве сакаме покрај нас. Европската комисија, и јас самата, стоиме на тоа дека вие постигнавте извонреден напредок и сакам да бидам јасна дека сега ЕУ треба да испорача, порача Фон дер Лајен.
Изрази целосна поддршка за формалното отворање пристапни преговори со земјава што е можно побрзо.
– Целосно го поддржувам формалното отворање на пристапните преговори со С. Македонија и со Албанија што е можно поскоро, колку што може побрзо. Не губете верба, изодевте толкав пат, достигнавте голем напредок. Имате поддршка од многу пријатели во ЕУ и ајде работиме вредно кон одржувањето на таа прва конференција, тоа ќе биде нашата заедничка цел, рече Фон дер Лајен.
Премиерот Заев, пак, на заедничката прес-конференција со Фон дер Лајен потсети дека земјава и досега покажа подготвеност и конструктивен придонес, но посочи дека идентитските прашања не можат да бидат предмет на преговори, изразувајќи задоволство што има позитивни сигнали за тоа од Бугарија.
-Во духот на европските добрососедки односи ќе ги интензивираме разговорите со Бугарија со искрена волја да правиме чекори поблиску до решение на нашите отворени прашања. Ние и до сега покажавме подготвеност и конструктивен придонес за решавање на билатералните односи преку заемно почитување и заштита на националното достоинство, но идентитетските прашања едноставно е невозможно да бидат предмет на преговори и среќни сме што од Бугарија стигнуваат сигнали за разбирање за овие прашања кои се исто така и европски вредности, порача Заев.
Изрази искрено уверување дека решение е можно до крајот на годината врз основа на европските вредности и правила каде идентитетските прашања се многу важна работа и се почитуваат.
– Ние ги негуваме сите европски идентитети овде кај нас, сакаме и нашиот македонскиот идентитет со македонскиот јазик да бидат негувани. Драго ми е што имаме позитивни сигнали во тој дел на најважната област во која што се разговара… Јас верувам дека ќе постигнеме договор, на темелите на предлогот на португалското претседателство што словенечкото претседателство го прифати како можно решение, кое реално е прифатливо за двете страни. И тука е некаде решението. Но, духот на пријателството соработката и добрососедството треба да го негуваме двете страни, затоа што навистина сме први соседи, навистина имаме добра соработка и верувам дека тоа им го должиме и на сегашните и на идните генерации, рече Заев.
Останатиот дел, додава, се однесува на патоказот преку кој ќе се унапреди и забрза соработката согласно Договорот за пријателство како и двете ноти за краткото и долгото име, за немешање во внатрешните работи и слично.
Скопје беше втора станица на Фон дер Лајен на нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан, чија цел е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот. Посетата на Западен Балкан ја почна вчера од Тирана, а до 30 септември ќе ги посети преостанатите четири земји од регионот.
Денеска во Скопје пристигнува и еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, кој минатата недела беше на разговори во Софија за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите на ЕУ со Македонија.
Посетата на регионот на шефицата на ЕК и на Вархеји се случуваат една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 октомври во Словенија со лидерите од регионот. Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде „самит за проширувањето“, туку можност да се разговара за односите на ЕУ и регионот.