Злоупотребата на постапката за изборот и акредитирањето на амбасадорите од страна на претседателот на Комисијата за надворешни работи во Парламентот навистина претставува крупен проблем за државата, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција денеска во Владата.
Заев, посочи дека има одлуки за сите испразнети амбасадорски места, но дека проблемот е во Парламентот и дека до крајот на годината ќе изнајдеме решение за сите.
-Последното случување е со нашиот избран, односно предложен кандидат за амбасадор во ОН, професорот Фрчкоски каде што директно претседателот на Комисијата вели дека нема да дозволи. Имаме непополнети места прво во соседна Бугарија и во соседна Србија. Треба брзо да одлучуваме, имаме непополнети места во Вашингтон, непополнети места во Брисел – во Белгија како место, во Словачка, во Израел, во Турција и тоа се сериозни позиции каде што треба да донесеме брзо одлука, изјави Заев.
Апелирам, нагласи Заев, сите да носат соодветни одлуки, односно МНР својата одлука, Владата својата одлука, Претседателот на државата својата одлука, се со конечна цел, да го избегнеме непријатниот статус на нашата земја со не испраќање на наши амбасадори во вака пријателски земји каде што ни требаат пред се заради државничките, политичките, општествените активности, но и многу за економските активности на државата.
-Верувам дека Законот ќе се почитува јасно каде што ако ваквиот фигуративен односно респектабилен аспект на презентирање на своите тези на кандидатите за амбасадори пред Парламентот коишто се една куртоазија пред Парламентот а не ја врши својата работа, односно таму се блокира работата тогаш апелирам и до МНР секако до сите членови на Владата овде и до претседателот на државата Пендаровски да ги носиме одлуките соодветни за да ги пополните овие амбасадорски места. Верувам дека до крајот на годината ќе изнајдеме решение за сите затоа што сега па и не се одлучува за време на избори, решенија за сите овие испразнети места да бидат не само избрани и номинирани кандидатите, туку да бидат и испратени затоа што дефинитивно ако некаде нешто се блокира, а тоа законски не е пречка тогаш навистина првиот интерес мора да остане имиџот на државата и нашата поставеност према пријателските земји, изјави Заев.
По вчерашното прогласување персона нон грата на нашиот дипломат од Русија, Заев посочи дека во Амбасадата во Москва останува да ги обавува своите обврски в.д., а наскоро ќе биде упатен новиот амбасадор акредитиран за Руската Федерација кој ги помина сите чекори до упатувањето.
– Знаете дека помина и во Парламентот на Комисијата за надворешни работи и тоа е веќе завршена работа така што ќе имаме секогаш наши претставници во Руската Федерација, изјави Заев.
Во однос на аферата „Ерменска врска“, Заев посочи дека до Министерството за правда се уште нема стигнато одредена постпка, што е законска основа, да се побара екстрадиција на наш граѓанин.
– Како држава навремено ги преземаме сите дејствија за да ги добиеме сите неопходни информации и верувам дека веднаш штом ќе ги имаме сите детали и информации, веднаш ќе делуваме, изјави Заев.
Тоа што го знам од семејството и министерот за правда, посочи Заев, е дека се уште се чекаат информации и детали, што е сомневањето и што всушност се случило, затоа што, како што посочи, тоа што го видовме во медиумите апсолутно нема врска и се работи за друг случај.