Го осуди Вељановски за непочитување на Деловникот, а флагрантно го крши ЗКП

/ 07.10.2021

Поранешниот претседател на Собранието на РМ, Трајко Вељановски, екс-министрите Спире Ристовски и Миле Јанакиески, како и екс-директорот на УБК, Владимир Андоновски, се уште не ги имаат добиено првостепените пресуди за собраниските настани од 27 април 2017 година, пишува Пресинг.

Според првичното обвинение, тие беа обвинети како организатори на настаните, а потоа тоа беше преиначено, па одговараа за „изготвување план со намера да го оневозможат мирното примопредавање на власта“, што исто така беше подведено под терористичко загрозување на уставниот поредок. Судијата Илија Трпков ги осуди Вељановски на 6,6, Ристовски и Јанакиески на 6,3 и Андоновски на 6 години затвор.

Пресудата беше донесена на 26 јули годинава.

Но, првостепено осудените се уште не ги имаат добиено пресудите, со што, практично, продолжува судската пракса за одлоговлекување и непочитување на законските одредби од Законот за кривична постапка. Судското образложение дека тие се работат не може да го покрие отвореното кршење на основните човекови права и слободи. Зашто, не само што станува збор за притворски предмет, туку многу поголемо е неговото политичко значење и димензија, дотолку повеќе што предметот повеќе од сигурно, ќе заврши пред Судот за човекови права и слободи во Стразбур.

Според законските одредби, односно според членот 407 од ЗКП, став 1, децидно стои:

„Пресудата што е објавена МОРА писмено да се изготви во рок од 15 дена по објавувањето, а во сложени предмети по исклучок во рок од 60 дена, рокови кои НЕ МОЖАТ да бидат пречекорени“.

Рокот за доставување на првостепената пресуда истече на 24 септември, што значи дека Кривичниот суд веќе доцни две недели, со што се одлоговлекуваат и спречуваат правата во натамошната постапка на првично осудените. Ова особено во делот на одредените мерки домашен притвор.

Сето ова е типичо за македонската правда. Но, да биде иронијата на судбината поголема, Трајко Вељановски, на пример, беше осуден за непочитување на членот 78, став 2, од собранискиот Деловник. Оттука и прашањето кој ќе го осуди судијата Илија Трпков за непочитување на Законот за кривична постапка?, вели Пресинг.


Од истата категорија