Поддржуваме иницијативи во кои од самиот почеток е вклучена Европската Унија, наместо тоа да го правиме без ЕУ. Ние го поддржуваме заедничкиот регионален пазар и сметаме дека тоа е вистинскиот пат нанапред, изјави денеска косовскиот премиер Албин Курти на Самитот за Западен Балкан „Промовирање на инклузивноста и солидарноста на Европа“ што се одржува денеска во Скопје во организација на „Економист“, во одговор на прашањето дали ја поддржува иницијативата Отворен Балкан.
Курти истакна дека даваат поддршка на нов договор со посредништво на ЕУ, што, како што рече, ќе го олесни спроведувањето на иницијативите во кои е вклучена самата Унија.
– Веруваме дека е многу подобро доколку од самиот почеток ЕУ е вклучена во сите иницијативи наместо да се обидуваме да го правиме тоа без ЕУ. Од друга страна морам да кажам дека ниту како политичка ориентација, ниту како културна сензитивност јас не припаѓам во групата луѓе кои веруваат во самодоволноста на Балканот. Јас сметам дека ЕУ е нашата судбина, а Европа е нашиот континент, истакна Курти.
Меѓутоа, додаде тој, за таа цел потребно е да ја вклучиме ЕУ, таа треба да биде вклучена во сите наши земји, но да не импровизираме да работиме внатре, туку потребна ни е помош однадвор.
– Економијата во Косово веќе напредува, меѓутоа токму поради таа причина потребно ни е помош од ЕУ, не хуманитарна како во минатото, туку развојни фондови, се со цел нашите институции да станат посилни, рече во овој контекст Курти.
Претходно, во своето обраќање, Курти оцени дека најпрвин ни се потребни функционални демократии и владење на правото, наместо автократија и корупција. Не само на Западен Балкан, туку и во самата ЕУ, рече тој, сведоци сме на тенденции на непочитување на клучните демократски вредности и начела.
– Во рамки на ЕУ тие тенденции понекогаш се нарекуваат либерална демократија, додека на Западен Балкан тоа се нарекува нестабилна демократија, но она што им е заедничко е напад врз основните права и слободи, како што е слобода на говорот и независност на судството. Тоа резултира со молк на опозицијата, поткупување и контрола на медиумите, за да се шири пропаганда и лажни вести и контрола врз судството, така што нема начин да бидат осудени за повреда на законите. Тоа претставува најголема закана за стабилноста на нашиот регион, рече Курти.
Косовскиот премиер исто така кажа дека треба да се соочиме со минатото, бидејќи не е можно да се оди нанапред ако се игнорира минатото.
– За да се справиме со етничките чистења и крвопролевањата, сето тоа беа погрешни работи доколку не чувствувате вина и одговорност за она што се случило тогаш повторно ќе го направите истото тоа. По Втората светска војна ЕУ беше изградена на темелите на прифаќање одговорности, и соочување со минатото. Ние на Западниот Балкан треба да го следиме тој пример, рече Курти на Самитот на „Економист“.
Премиерите на Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, како и претседателот на Србија Александар Вучиќ во јули годинава ја формираа иницијативата Отворен Балкан, и со тоа најавија нова ера во регионалната соработка меѓу трите земји. Тие исто така најавија дека од 1 јануари 2023 година нема да има граници меѓу трите земји и движењето ќе биде слободно, како и заеднички регионален пазар кој ќе понуди подобар живот на граѓаните и многу поволности за нив.