Владата денеска негираше дека се мешале или имале политичко влијание во работата на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија.
Напротив, вели владата, секогаш сме ја подржувале нивната работа како научници кои самите, заеднички ги утврдиле принципите на работа.
“Категорично отфрламе било каква инсинуација дека имало било какво влијание на одлуката на професорот Ванчо Георгиев да го прекине својот ангажман како член на Комисијата од страна на Владата или било која нејзина институција” – се вели во соопштението на владата.
Од македонската влада потсетуваат и дека професорот Георгуев пред само една недела со слободна волја го потпишал договор за продолжување на својот ангажман како член на комисијата.
Владата оценува и дека со тонот, инсинуациите и тајмингот избран за да пласира невистини, професорот Георгиев си дозволил да го искомпромитира сопствениот научен интегритет.
Со реакција се јави и Комисијата во која членуваше Ѓоргиев:
„Во врска со соопштението за медиумите на нашиот почитуван колега д-р Ванчо Ѓорѓиев за неговата оставка од Комисијата, би сакале да го истакнеме следново. Со колегата д-р Ѓорѓиев изминатите три години заедно и посветено работевме во Комисијата и донесовме добри решенија со кои сметаме дека помагаме во надминување на спорот помеѓу двете држави, зачувувајќи ги националните интереси на македонската држава, Македонците и другите етнички заедници и затоа сме крајно изненадени од тврдењата во неговото соопштение.
Истовремено, сакаме да потенцираме дека научните принципи во работата на Комисијата биле, се, и ќе останат непроменети и дека не постои никаква основа да се тврди дека постои нов принцип на работа, ниту политички притисок од МНР, Владата или политичките партии.
Исто така, вчерашните и денешните разменети предлог-идеи во ништо не отстапуваат или, пак, се разликуваат од досега разменетите предлози и пристапот кој е усогласен од сите членови на македонскиот дел од Комисијата од самиот нејзин почеток и кои во ништо не ги нарушува или, пак, се спротивни на македонскиот идентитет, национални интереси и спомнатите во соопштението на колегата Ѓорѓиев црвени линии усвоени во Собранието“.