Унапредување на условите на образовните институции кои ќе бидат безбедни за сите деца, родители и вработени како приоритет во работењето на секоја градска и локална самоуправа. Условите за работа во училиштата ќе овозможуваат квалитетен образовен, воспитен и социјален процес за нашите деца. Образовните институции во Скопје ќе бидат и места за поддршка на различностите, соработката и соживотот, најави на денешната прес конференција кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска.
Како иден градоначалник на град Скопје, Арсовска најави изградба на модерна образовна инфраструктура и современи услови за учење. Модернизацијата на сите училишта ќе биде согласно ЕУ стандардите, со цел подобрување на условите за учење и креирање образование во Скопје за 21-виот век!
-Општина Аеродром конечно ќе ја добие долго ветуваната нова гимназија во оваа општина. Ова училиште ќе овозможи доволно капацитети во пресрет на големата заинтересираност и потреба токму во овој дел на Скопје. Нашата цел е да ја подобриме пристапноста на учениците од сите делови на градот до квалитетни училишта и да ги унапредиме условите во кои учат учениците, а со тоа и квалитетот на воспитно-образовниот процес. Предвидено е и изградба на нов објект за средното училиште Браќа Миладиновци, како и за средното училиште Лазар Танев. Со изградбата ќе се обезбеди современа квалитетна настава и услови за квалитетно стручно образование, најави Арсовска.
Програмата на Арсовска за Образование за 21 век вклучува и нова градска библиотека лоцирана во општина Аеродром, опремена со најмодерна техничко-технолошка опрема, а дополнително градот ќе работи и на модернизација и реконструкција на постоечката градска библиотека „Браќа Миладиновци“.
Според оваа програма планирано е создавање еднакви можности за сите и инвестиции и во наставниот кадар.
-Ќе обезбедиме еднакви можности за образование за сите, но и силни инвестиции во наставниот кадар. Новата градска власт ќе преземе активности за финансиска поддршка на надарените и талентирани ученици. Ќе го финансираме настапот на научни и спортски олимпијади на средношколците и младите од градот Скопје. Градот ќе овозможи финансиска поддршка на средношколците во социјален ризик во вид на стипендија која ќе им помогне да го продолжат својот образовен процес. Поддршка ќе следи и за средношколците со попречености, истакна Арсовска.
Изградба на мултифункционални игралишта во сите средни училишта и опрема и реквизити за деца со попречености, процес кој ќе го менаџираат стручни кадри во училишните спортски сали како би биле подостапни и за децата со попречености, ќе спроведе Арсовска.
-Со цел обезбедување квалитетно образование за нашите деца следејќи го екот на дигитализација, ќе отпочнеме со процес на квалитетна дигитализација на средните училишта преку унапредување на наставниот процес и следење на модерните технологии преку набавка на информатичка опрема и спроведување соодветна обука за наставниот кадар. Градот Скопје ќе продолжи со опремување на стручните училишта со современи нагледни средства за изведување на практичната настава и поддршка на отворање реални училишни компании во средните стручни училишта за практична настава”, потенцираше Арсовска.
Во образовната програма на Арсовска, Градот Скопје активно ќе креира подобри услови за создавање нови идеи и концепти за развој на модерно образование, наша обврска е да создадеме подобри услови за новите генерации, заклучи кандидатката за градоначалник на Скопје.