Свечено, прво со прием на уверенијата за советници, па потоа и доделување на мандатот за нов градоначалник од страна на Општинската изборна комисија, во општина Тетово денеска беше направено примопредавањето на градоначалничката функција, јавува ТВ Алсат.
По церемонијата, досегашната градоначалничка му честиташе на Касами за новата задача.
„На избраниот градоначалник сега му посакувам успех во работата, да се направи најдоброто за градот и за нашите граѓани. Да се води град не е лесен предизвик. Има многу тешкотии, но верувам дека тоа може да се направи со волја и поддршка“, изјави Теута Арифи, поранешна градоначалничка на Тетово.
Касами пак, најави целосна ревизија како досега се работело во општината. На почетокот на следната недела ќе објави што ќе работи во првите 100 дена.
„Од овој момент ќе почнам со скенирање на актуелните состојби во општина Тетово и очигледно веднаш по законските процедури, ќе ангажирам специјалисти од странство за целосна ревизија. Граѓаните и надлежните институции треба да знаат каде се трошат нивните пари. Од понеделник ќе имате стодневен план со сите проекти и чекори кои ќе ги преземеме во рок од 100 дена“, рече Биљал Касами, градоначалник на Тетово.
Во однос на Советот на општината сè уште не е официјализиран договор меѓу партиите. Касами рече дека обезбедил мнозинство, но не даде детали. На изборите на 17 октомври ДУИ освои 10 советници, БЕСА 8, ВМРО 4, Алијанса за Албанците 3, а Подобро за Тетово, СДСМ и ДПА по 2 советника.