Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во изјава за МИА во целост ги демантира наводите за апсења или инволвираност на нејзини вработени, изнесени во текот на вчерашниот ден во повеќе медиуми.

– Почитувајќи ги начелата на транспарентност и отчетност пред граѓаните ја демантираме како целосно неточна пласираната информација дека кој било од вработените на Агенцијата е ангажиран како истражител на Јавното обвинителство, согласно член 50 од Законот за кривична постапка. Постапувајќи согласно одредбите од член 287 од ЗКП, Агенцијата овозможи пристап и увид до сите барани податоци од страна на Судот во претходна постапка при што неспорно се утврди дека не постојат никакви податоци или документи кои би можеле да упатат на каква било инволвираност на вработени во АНБ во случајот, соопштуваат од АНБ за МИА.

Од Агенцијата напоменуваат дека припадниците на безбедносните служби постапувајќи во рамките на своите работни обврски, покрај останатото може да остваруваат контакти и со поединци од криминални, екстремистички и терористички средини и за истите согласно подзаконските и интерни акти постојат оформени службени материјали.

– Оттука, изјавите и обвинувањата на таквите поединци треба да се примаат со должна резерва и да се утврди нивната веродостојност од страна на сите со закон утврдени институции, што за жал во оваа постапка не беше случај, велат од АНБ.

Од Агенцијата за национална безбедност потсетуваат дека ракувањето со информациите од областа на националната безбедност е регулирано со Законот за класифицирани информации, поради што апелираат на особена внимателност и претходна проверка при комуницирање на класифицирани податоци кон јавноста.