Граѓаните да бидат спокојни, вечерва победи евроатлантска Македонија, победи напредна Македонија. Победи Македонија со добрососедски односи. Македонија во добри пријателски односи со САД, со ЕУ, Македонија во добри односи помеѓу заедниците и благодарен сум и на сите коалициони партнери, изјави вечерва првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.

Порача дека со ова парламентарно мнозинство останува загарантирана интеграцијата во Европската унија.

Прашан дали „Алтернатива“ е новиот партнер, Груби рече дека добредојдени се сите кои посакуваат земјата да е интегрирана во ЕУ, да има добрососедски односи, мир и стабилност.

– Сите кои поддржуваат Македонија да е интегрирана во ЕУ, кои го поддржуваат Охридскиот рамковен договор и Преспанскиот договор се добредојдени во ова парламентарно мнозинство и ќе видите – само ќе расте. Ќе имаме убави две и пол – три години пред нас за да ги исполниме сите програми коишто ги ветивме на парламентарните избори, изјави Груби.

За пратеникот Кастриот Реџепи, Груби рече дека го познава долги години и дека знае какви се неговите лични убедувања.

– Тој е еден непоправлив атлантист кој верува во Вашингтон, верува во ЕУ и со вредностите што ги негува всушност тоа го докажа денеска и на дело со тоа што не гласаше заедно со едно наводно парламентарно мнозинство кое што е анти НАТО, анти ЕУ, анти Охридскиот договор, анти Преспанскиот договор, анти добрососедските односи, анти интегрирана Република Македонија. Убеден сум дека Кастриот Реџепи е добар заедно со неговото семејство и среќен затоа што вечерва победи евроатлантска Македонија, изјави Груби.