Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) денеска во „Рајскиот Парк“ во Ново Лисиче во Општина Аеродром ќе организира акција за засадување дрвца за оддавање почит и сеќавање на лицата кои ги изгубија животите во сообраќајни несреќи на патиштата низ земјава.

Во рамки на акцијата, која ќе ја реализира раководството и советниците на РСБСП, ќе бидат засадени 125 дрвца, колку што изнесува бројот на загинати во сообраќајни несреќи минатата година.

Акцијата се организира во рамки на Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајните незгоди, што на иницијатива на Светската здравствена организација СЗО се одбележува секоја трета недела од месец ноември.

Цел на овој настан е оддавање на почит на загинатите лица во сообраќајни незгоди и подигање на свеста за последиците од сообраќајните незгоди и согласно тоа, РСБСП секоја година организира активности за одбележување на Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајните незгоди.