СДСМ во моментов има мнозинство заедно со сите прогресивни сили, а новата влада ќе биде поголема и постабилна од таа што беше порано. Ќе има стабилно парламентарно мнозинство, без оглед дали се тоа 64, 65 или 67 пратеници, кое понатаму ќе успее да владее до крајот на мандатот и конечно во нашата земја да имаме парламентарни избори во четири години, истакна вечерва вицепремерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи.

– Преговорите за зголемување на мнозинството продолжуваат, процесот е отворен, за целата опозиција, за сите кои веруваат дека во овој период можеме да ги искористиме можностите кои се понудени од различни аспекти, бидејќи ни претстојат низа предизвици и треба сите заедно да ги пребродиме, истакна Битиќи во емисијата 24 анализа на ТВ 24..

Според него, на нашите деца мораме да им покажеме дека знаеме да направиме чекор понатаму и да се погрижиме за нивната иднина, која не е ретроградна.

Во врска со оставката на премиерот Зоран Заев, Битиќи посочи дека општеството не треба да бара, туку политичарите се тие кои даваат оставка, потенцирајќи дека раководството на СДСМ го поддржа моралниот чин на претседателот на партијата за оставка.

– Разговараме за различни опции, во овој момент е битно зголемување на парламентарното мнозинство, вториот момент е консолидирање на партијата, сега е битно да се насочиме на предизвиците кои значат живот, порача Битиќи.

Тој потенцира дека тоа што премиерот Заев го направи во изминативе пет години е доволен белег за обединување, единство и сплотеност и тоа не само во партијата.

– Тој е првиот човек што отворено ги разби сите табуа и сега имаме Албанец претседател на Собрание и никој тоа не го оспорува. Тој го практикува концептот на едно општество за сите. Секој еден чекор наназад во овој концепт ќе има сериозни реперкусии врз општеството. Ние сме единствена партија која на листите имавме 50 отсто носители на функциите жени, 30 проценти млади и припадници на различни етнички заедници и тоа досега никој не успеал да го направи и никој не зборува за тоа, додаде Битиќи.