Нема сомнение дека Москва финансира проруски групи во Македонија со цел неуспех на референдумот за името на земјата, изјави американскиот министер за одбрана Џејмс Матис пред новинарите во авионот за време на летот до Скопје.
– Тие префрлија пари, а исто така, спроведуваат кампањи за пошироко влијание, рече Матис.
Тој утрово допатува во Македонија, јави „Вашингтон пост“.
– Треба да го оставиме македонскиот народ сам да одлучи, оцени американскиот министер, осудувајќи ги руските напори да ги искористат своите пари и влијание за да се изгради опозиција на престојното гласање што на земјата ќе и го отвори патот до НАТО – на што Москва се противи, наведува „Вашингтон пост“.
Весникот наведува дека на 30 септември Македонците ќе гласаат за тоа дали да се одобри новото име – Северна Македонија во обид да се смири Грција, која со години го блокираше патот на Македонија кон НАТО и Европската унија. Но, на секој напредок кон членството во НАТО на балканската држава остро се спротивставува на Русија, која не сака Алијансата да се прошири на подрачјата што порано беа под влијание на Москва, потенцира „Вашингтон пост“.
Весникот потсетува дека Матис е најновиот во низата меѓународни лидери кои ја посетуваат Македонија за да искажат поддршка за референдумот, а воедно тој е и највисокиот официјален претставник на САД што ја посетил земјата. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, германската канцеларка Ангела Меркел и австрискиот канцелар Себастијан Курц, ја посетија државата и дадоа јавна поддршка за промена на името, велејќи дека е круцијално за земјата да влезе во НАТО по неколкугодишно чекање.
Матис рече дека тој и другите сојузници од НАТО го кажуваат јавно она што го мислат.
– Ние не подаваме пари на луѓето зад сцената, ние не ги спојуваме партиите што ги контролираме или се обидуваме да ги контролираме, потенцира Матис.
– Постои оваа кампања за влијание, со која се обидува да се купат луѓе и обид да се поддржат проруските организации, изјави Лаура Купер, американски заменик-помошник секретар за одбрана, одговорна за Русија и регионот.
Таа рече дека не може да даде детали за исплатите, но рече дека САД е свесна за финансиската поддршка што Москва ја дава на про-руските поединци и групи кои работат на поткопување на референдумот.
Русија „сега со дезинформации и други форми на малигни влијанија се обидува да го смени мислењето на македонскиот народ, вели таа и како примери ги наведе напорите да се убедат луѓето дека гласањето не е релевантно и оти не е последниот чекор за влез во НАТО.
Евелин Фаркас, експерт за регионот и поранешен советник во Министерството одбраната оцени дека посетата на Матис на Македонија може да помогне за зголемување на поддршката за промена на името.
– Мислам дека Матис може да оствари напредок преку испраќање силна порака до опозицијата, која е незгодно тивка, дека тие треба да излезат со целосна поддршка, бидејќи нема да добијат подобра шанса подоцна, рече Фаркас.
– Тој може да им каже дека ова е нивна последна шанса, вели таа за „Вашингтон пост“.
Фаркас, кој неодамна беше во Македонија, исто така рече дека посетата ја потврдува посветеноста на Америка на регионот и потребата за стабилност во тој дел на Европа.