Се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации во СДСМ и Алтернатива и да се обезбеди потребното усогласување со цел постигнување договор за можна заедничка влада. Со ваква најава, како и оценка дека е постигнат значителен напредок заврши вчерашната, трета по ред средба, на премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши, во рамки на разговорите за можно приклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство.
-На средбата е констатиран евидентен напредок во усогласувањето на ставовите околу дополнувањето на содржинскиот дел на програмата на Владата, а разменети се и идеи и видувања од двете страни за споделување на одговорностите на највисоко ниво во институциите на централната власт, информираа во соопштение од Владата.
Разговорите, посочија во соопштението, продолжуваат водени од аспирациите за европската агенда на државата и од потребата за испраќање јасни пораки кон граѓаните и кон ЕУ за посветеноста во европеизирањето на Северна Македонија, за унапредувањето на економскиот стандард и квалитетот на живот на граѓаните.
Можната заедничка влада, како што наведоа, ќе се посвети на предизвиците кои доаѓаат од пандемијата и глобалната енергетска криза и која без заддршка ќе ги остварува зацртаните стратешки цели на Република Македонија.
На четиричасованата средба што се одржа вчера во Клубот на пратениците премиерот Заев беше придружуван од заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски и кандидат за лидер на СДСМ, а лидерот на Алтернатива Гаши од партискиот генерален секретар Беким Сали.
Заев и Гаши имаа средба и во понеделникот, кога, како што информираа во заедничко соопштение, начелно бил договорен програмскиот дел од можната идна соработка на Алтернатива во Владата и дека консултациите за кадровските решенија се во тек. Тие првата средба ја одржаа на 19-ти месецов кога разговараа за условите и улогата на Алтерантива во новото парламентарно мнозинство, а конечната одлука беше оставено да ја донесат партиските органи.
Разговорите за евентуално ново парламентарно мнозинство и за влез во Владата на Алтернатива која има четворица пратеници, уследија по неуспешната иницијатива во Собранието од страна на опозицијата
за гласање доверба на Владата и повлекувањето на Беса од владиниот кабинет. И Алтернатива беше дел од опозицискиот блок потпишанз а гласање недовреба на Владата, но Централното претседателство на партијата минатиот петок го овласти Гаши да почне разговори со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза. На седница на Централниот одбор на СДСМ, што се одржа истиот ден, беше констатирана оставката на Заев од лидерската позиција во партијата што ја даде лошите изборни резултати на локалните избори, но му беше даден легитимитет да ги води преговорите за парламентарно мнозинство.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христија Мицкоски вчера изјави дека какво било учество на политичката партија Алтернатива во една ваква влада претставува погрешен чекор, но тоа останува на раководството и лидерот на таа партија.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски посочи дека не сака да се меша во работењето на другите политички партии бидејќи, како што рече, тоа е политички некултурно.
– Не сум во тек со содржината од разговорот меѓу Заев и Гаши. Нашиот став е јасен, оваа влада е најкорумпираната влада во изминатите 30 години и ја закова Македонија на дното според перцепцијата за криминал, односно е на врвот според степенот за криминал и корупција. Нашата држава е 111 и е најкорумпирана во Европа. Ние сме држава која има нејнеконкуренто образование поради катастрофалните реформи, состојбата во здравството е ужасна и како држава ние сме во првите три според бројот на лица што го загубиле својот живот заради неспособност на владата да се справи со ковид пандемијата. Катастрофата во енергетскиот сектор од 1-ви ќе ја почувствуваме и на сопствениот џеб, или да заклучам, било какво учество на политичката партија Алтернатива во една ваква влада претставува погрешен чекор, но тоа останува на раководството и лидерот на таа партија, и јас не сакам да се мешам во работењето на другите политички партии бидејќи тоа е политички некултурно, рече Мицкоски, чие барање во континуитет во изминатиот период е да се одржат брзи предвремени парламентарни избори.