Во претходното деноноќие беа регистрирани 82 случаи од направени 1211 тестирања или 6,7 отсто, што е значителен пад на новозаразени од Ковид-19 во однос на претходните денови. Според податоците на Институтот за јавно здравје за период од 29 ноември до 5 декември, процентот на позитивност се движел од 7,8 отсто до 19 отсто, просечно 13,1 отсто.Регистрирани беа осум починати и 265 оздравени пациенти.
Од новозаразените, најмногу се од Скопје – 61, следи Кавадарци – 9, па Гевгелија – 4, Битола и Велес – по 2, Прилеп, Охрид, Неготино и Валандово – 1.
Досега во земјата се направени вкупно 1.503.941 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 219.490, бројот на оздравени пациенти е 206.211, на починати е 7.740, а бројот на активни случаи изнесува 5.539.
Според епидемиолошки анализи во моментов, најмногу активни случаи има во Скопје – 2714, следи Битола со 457, Прилеп – 336, Кавадарци – 251, Охрид – 222. Во другите градови тој број е под 200, а во Дебар во моментов нема ниту еден активен случај.
Во Дебар расте интересот, пред сè кај повозрасната популација, за имунизација со трета доза вакцина против Ковид-19.
– Во вакциналниот пункт, кој функционира во модуларната болница, дневно трета доза се аплицира во просек кај 50 лица од двете општини, пред сè повозрасни и хронично болни. До =сега со трета доза опфатени се над 600 граѓани, кои примаат вакцина на „Фајзер“, изјави вчера за МИА, Баки Алили, директор на дебарската општа болница со проширена дејност.
Што се однесува до епидемиолошката состојба со коронавирусот, тој вели дека моментно нема активни на болеста.
– Овој месец немаме нови случаи на заразени, а двата случаи кои беа регистрирани минатиот месец се веќе закрепнати. Последниот во списокот на оздравени е внесен на деветти месецов. Од почетокот на пандемијата на подрачјето на двете општини опасниот вирус беше дијагностициран кај 1.456 лица, од нив за жал починаа над 80, додава Алили.
Надлежните постојано апелираат на помасовна вакцинација, бидејќи, како што посочуваат, само така ќе се дојде до колективен имунитет и ќе се спречи ширење на мутации на коронавирусот.
Според последните податоци, досега 48 отсто од полнолетното население е имунизирано.
Во државата сè уште не е регистриран случај на заразен со омикрон и сè уште е доминантна делта варијантата.
Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека во 2020 се регистрирани 83.734 случаи на САРС-КоВ-2, од нив 2 904 се починати (3.47 отсто). Во 2021, заклучно со 7 декември, регистрирани се 134 460 заболени, а од нив 4 784 се починати (3.56 отсто).
Во текот на целата пандемија, од првиот пријавен случај на заразен со корона вирусот во Македонија (26.02.2020), најголем број нови случаи во еден ден се регистрирани на 30.03.2021 година, 1512, а најмногу починати во еден ден една недела подоцна – на 08.04.2021, 49 починати.
Во светот досега се заразиле над 270 милиони жители, починале 5,3 милиони лица и оздравеле повеќе од 243 милиони луѓе.
СЗО вчера излезе со информација дека Омикрон варијантата на коронавирусот е утврдена во 63 земји во светот, прецизирајќи дека податоците се заклучно со 9 декември.
Според СЗО, варијантата Омикрон е позаразна од Делта и ја намалува ефикасноста на вакцините, но предизвикува поблаги симптоми, како што покажуваат првичните податоци.Побрзо ширење на варијантата Омикрон е забележано во Јужна Африка, каде што варијантата Делта е помалку распространета, но и во Обединетото Кралство, каде што Делта е доминантна варијанта.Првичните податоци покажуваат дека вакцините се помалку ефикасни во однос на заразата и ширењето на Омикрон, констатира СЗО.
Вчера генералниот директор на СЗО Тедрос Гебрејесус во говор на 10. Глобална конференција за здравствена превенција во Женева ги повика владите да „промовираат економски раст заснован на здравјето и благосостојбата на луѓето и на планетата“.– Кога ќе заврши пандемијата, ќе се соочиме со многу полоши предизвици од претходно: сиромаштија, глад, нееднаквост, болести, климатски промени, рече тој.
Британскиот премиер Борис Џонсон вчера соопшти дека најмалку еден пациент во Обединетото Кралство починал откако се заразил со сојот омикрон на коронавирусот.Откако на 27 ноември беа потврдени првите случаи на омикрон во Велика Британија, Џонсон воведе построги ограничувања, а во неделата ги повика граѓаните да примаат дополнителна доза од вакцината за да не се преоптоварува здравствениот систем.
Бројот на смртни случаи од Ковид-19 во СAД достигна 800.000, додека земјата се подготвува за потенцијален нов бран поради повеќе собири во затворени простории во текот на зимските месеци и високо заразниот сој Омикрон.
Бројот на жртви од коронавирусот во САД сега го надминува целото население на Северна Дакота. И покрај достапноста на вакцината, оваа година беа изгубени повеќе животи отколку во 2020 година поради брзото ширење на Делта сојот и одбивањето на милиони Американци да се имунизираат.
Од почетокот на оваа година, повеќе од 450 000 луѓе во САД починале по инфекција со Ковид-19, што е 57 отсто од вкупниот број смртни случаи од коронавирус од почетокот на пандемијата.
Годинава најголем дел од починатите биле невакцинирани, велат здравствените експерти.
Во Грција од вчера стапи во сила забраната за влез во затворени простори за лицата над 60 години кои не примиле трета доза, а поминале седум месеци од вакцинацијата и намалување на три од шест месеци на важноста на потврдата за прележан Ковид-19. Новите мерки, освен за Грците важат и за туристите кои ја посетуваат земјата.