Она што го кажав пред две недели, дека нема посебна причина да стравуваме и дека напролет коронавирусот кај нас ќе се сведе на сезонски грип, веројатно ќе се оствари, вели епидемиологот, проф. д-р Драган Даниловски.

Тој вели дека во Јужноафриканската Република не се случи досега ништо спектакуларно и нема оптоварување на здравствениот систем со преполнување на болниците поради пациенти кај кои е потврден омикрон, новиот сој на коронавирусот, за кој дел од експертите најавуваат дека во Македонија ќе стигне за новогодишните и божикните празници.

– Дури и врвот веќе го достигнаа и бројките им се намалуваат, а без навала по болниците во ЈАР. Она што го кажав уште пред две недели, дека нема посебна причина да стравуваме и дека напролет короната кај нас ќе се сведе на сезонски грип, веројатно ќе се оствари со високо ниво на веројатност. Исто така, штитот ќе ни биде дотолку поцврст, колку што повеќе граѓани примат трета доза. Тука мислам на постарите и хронино болните. Помладите од 50 години (ако немаат хронични болести), нема потреба да се ревакцинираат. За нив и за младите дури пожелно би било да се заразат со вирусот. Но, да почекаме какви информации ќе се добијат за тежината на клиничката слика за сите возрасни групи, особено постарите. Досегашните податоци се анегдотални. За недела-две ќе се добие појасна слика. Уверен сум дека иднината е во постојани контакти со вирусот, а не во бустер дози на вакцини, освен само за старите и хронично болните, сосема аналогно како за сезонскиот грип, нагласува Даниловски во изјава за порталот Фактор.

Дел од експертите во Македонија навестуваат дека пред божикните и новогодишните празници, омикрон ќе пристигне и кај нас, кога се очекува да се вратат голем број наши граѓани кои живеат во странство и празниците да ги поминат во Македонија.