На 16 декември 1869 година во Ресен е роден д-р Христо Татарчев, еден од основоположниците на ВМРО во Солун, во 1893 година.

Тој бил претседател на Организацијата од нејзиното основање, па се до 1901 година. Умрел на 5 јануари 1952 година, во Торино, Италија.

Пред неколку години во центарот на Скопје беше подигнат споменик на Татарчев, кој беше сквернавен во тн. шарена револуција во која беа осквернавени повеќе споменици што беа подигнати во времето додека премиер беше Никола Груевски.

…………………………..

На денешен ден во 1912 година во велешкото село Војница е роден Коле Неделковски, истакнат македонски поет и револуционер.

Во 1940 година ја објавил првата стихозбирка „М’лскавици“, а во 1941 година и втората збирка „Пеш по светот“. Официјално се самоубил при прогон од бугарската фашистичка полиција во Софија, на 2 септември 1941 година.

………………………….

На 16 декември 1945 година во Костур, Егејска Македонија, започнал судскиот процес против 106 Македонци од гратчето Хрупишта, Костурско, обвинети за „соработка со окупаторот“ и покрај тоа што повеќето од нив биле борци на ЕЛАС.

Некои од нив се осудени на доживотен затвор, а други на временски казни.

……………………………………

На денешен ден во 1969 година во Скопје починал Васил Хаџиманов, македонски етномузиколог и педагог.

Меѓу најзначајните негови дела се вбројуваат „Зборникот на македонски народни песни“, „Соборски народни песни“, „Македонски борбени народни песни“ и „Моми тиквешанки“.

Роден е во Кавадарци, на 14 јануари 1906 година.

(Подготвил: Д.Г.)