Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека ја направил економијата на Франција посилна и се обидел да покаже дека не е одвоен од проблемите на обичните Французи. Тој синоќа даде долго интервју на националната телевизија, што изгледаше како обид да ја зголеми својата популарност пред претседателските избори во април, јавиjа западни медиуми.
Макрон, кој се очекува да се кандидира за втор мандат, се уште не ја објавил својата кандидатура. Тој беше критикуван од ривалите во трката затоа што веќе води кампања и го искористи своето претседателствување. Макрон (43), центристички претседател, одговараше на новинарски прашања во долго претходно снимено интервју емитувано во ударниот термин на ТВ ЕФ 1 и Ел-Се-И.
„Направивме реформи… за да добиеме многу посилна економија, како што е случајот со француската економија денес во споредба со пред пет години. Резултатот е: имаме најниска стапка на невработеност во последните 15 години“, рече Макрон.
Невработеноста во Франција е 8,1 отсто, што е помалку од 10 отсто кога Макрон ја презеде функцијата. Според податоците на Националната статистичка служба, Франција годинава ќе има раст од 6,7 отсто, што е најголем од 1969 година.
Избран во 2017 година со својата про-бизнис и проевропска платформа, Макрон често се смета за арогантен и „претседател на богатите“. Ова беше особено точно за време на протестите на „жолтите елеци“, кои започнаа како протести против зголемувањето на даноците за гориво, но прераснаа во поголемо движење против начинот на кој Макрон владееше со Франција.
„Моите вредности не му припаѓаат на претседателот на богатите“, рече Макрон, додавајќи дека сака економски силна земја, „но и земја во која ќе владее правдата“.
На прашањето дали ќе се кандидира за втор мандат, Макрон не одговори. Тој рече дека ќе работи до последната минута од својот мандат.