Од денеска до 5 јануари 2022 на плоштадите и на други фреквентни места во поголем број градови низ земјава ќе биде организиран „Црвен тепих на хуманоста“ наместо Бадниковите поворки на радост, на кои вообичаено учествуваат неколку илјади деца. Втора година по ред поворките не се организираат поради КОВИД-пандемијата и се заменети со хуманитарни акции.
-За жал, пандемиските услови налагаат да се воздржиме од поголемо групирање и на секој можен начин да се потрудиме да го заштитиме здравјето на најмалите и најмилите. Затоа божикната радост, љубов, топлина и добрина во целиот претпразничен период и за време на Бадник и Божик, ќе ги шириме во вид на грижа за нашите сограѓани коишто се погодени од кризата и имаат егзистенцијални проблеми, соопшти Здружението за возобновување на православните традиции.
„Црвениот тепих на хуманоста“ денеска ќе почне од Скопје, Штип, Виница, Кичево и Крушево и во наредните денови ќе се прошири во Струга, Битола, Охрид и во други градови низ земјава.
– Поставен покрај Божикната пештера, со црвениот тепих симболично ќе ја истакнеме животната потреба на ближните за помош, како наша најголема христијанска должност, а наши ѕвезди на црвениот тепих ќе бидат сите хумани граѓани, фирми, организации, здруженија. Собираме исклучиво нерасиплива храна за нашите сограѓани во немаштија безгрижно и радосно да го поминат целиот празничен период, соопшти организаторот, кој на својата фејсбук-страница ќе објавува информации за активностите.