Потпретседателот на 47. Народно собрание на Бугарија и поранешен министер за надворешни работи Кристијан Вигенин на Фејсбук напиша дека коалицискиот договор за владеење меѓу „Промената продолжува“, БСП, „Има таков народ“ и Демократска Бугарија има јасен став за европската перспектива на Република Македонија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, тој пишува дека оваа тема останува еден од најголемите предизвици за Бугарија и бугарската влада во областа на надворешната и европската политика.
Според Вигенин, одржувањето на широк политички договор и соработка меѓу институциите во земјата е клучот за успешна одбрана на бугарскиот интерес. Тој смета дека Советодавниот совет за национална безбедност свикан од претседателот на Бугарија е добра можност да се добијат нови информации и да се споделат политичките ставови за следните чекори.
На крајот од својот пост, Вигенин заклучи дека секој збор е важен, и затоа се надева дека импровизираните изјави во оваа фаза ќе бидат сведени на минимум за да не се создаде лажна претстава за пукнатини во позицијата на Бугарија или меѓу коалиционите партнери.