Државниот завод за статистика со Статистичкиот годишник на Република Македонија за 2021 неодамна соопшти детални податоци за домаќинствата во државата од типот на колку домови користат парно, колку од нив имаат гаража, шпорет на плин, телефонски приклучок и број на соби во живеалиштето. Конечните резултати од пописот се најавени за март 2022, кога ДЗС ќе ги соопшти целосните податоци колку вкупно население било опфатено во пребројувањето.
Од ДЗС велат дека по 19 години државата ја спроведе најсложената статистичка операција – Попис на населението, домаќинства и становите. Сериозноста и големината на операцијата само ја покажува тоа што ова е прв попис по многу параметри – прв по речиси две декади, првпат во пандемија, првпат со комбиниран метод, прв на кој се попишува дијаспората и најважно од се, наспроти сите предизвици успешно е завршен.
Податоците од пописот, кои треба да се објават до крајот на март годинава, ќе бидат основата врз која ќе се носат сите политики во следните десетина години – од инфраструктурни инвестиции, здравствени и образовни политики, до одлуки за странски и домашни бизнис инвестиции.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во изјава за МИА, вели дека е горд што со успешно спроведениот попис, покажале дека ДЗС е професионална и стручна институција во која работи професионален и стручен кадар, како и дека Република Македонија за 2-3 месеца конечно ќе добие податоци со кои ќе може да го планира идниот развој на државата и да креира политики соодветни на реалната состојба од кои полза ќе имаат сите.
За тоа кога ќе може да кажеме дека пописот е завршен, Симовски вели дека на 30 септември 2021 година заврши теренскиот дел од Пописот, а веќе од 1 октомври започна следната фаза – обработката на податоците и дека тој ќе заврши со објавувањето на последниот сет од предвидените податоци за објавување и доставувањето на податоците во Евростат заради меѓународна споредба.
– Засега сè се одвива според планот. Тимовите кои се задолжени за одредени фази од обработката работат со утврдената динамика, не се пријавени никакви пречки и застои, така што веруваме дека ќе го испочитуваме законскиот рок и до крајот на март 2022 година ќе го објавиме првиот сет на долгоочекуваните податоци од Пописот. Треба да се има предвид дека овој Попис се спроведе со нов комбиниран метод, така што и самата обработка е нешто ново за нас. Но, со меѓународна експертска помош и со проучување на најновите технички решенија во оваа област, успешно ќе ја постигнеме целта, а тоа се квалитетни и максимално веродостојни податоци кои ќе послужат за креирање на иднината на земјата, но и на секој еден од нас, посочува Симовски.
Во однос на предизиците и научените лекции од Пописот 2021, Симовски посочува дека научиле многу, но и дека поголемиот дел од лекциите ги научиле на потешкиот начин, но успешно ги совладале и тие ќе бидат патоказ при планирањето на натамошната работа.
– Во денешново современо општество каде што информатичките технологии и достигнувања се унапредуваат секојдневно, речиси е невозможно да предвидите што сè може да се случи и што може да тргне наопаку, но преку Пописот научивме дека со добра организација и навремена реакција можат да се надминат и тие неочекувани пречки и предизвици. Научивме дека посветеноста и професионалноста се основните предуслови за успешна реализација на која било поставена цел, истакнува Симовски.
Пописот ќе обезбеди податоци за три категории на население и тоа: вкупно резидентно население, вкупно нерезидентно население и вкупно попишано население – категорија која ги опфаќа претходните две категории население.
На територијата на Македонија, според податоците на Заводот за статистика, првите попишувања се јавуваат во 15 век, кога турските власти ги попишувале само даночните глави и машкото население, а првиот современ попис е спроведен во 1921 година. По Втората светска војна се спроведени осум пописи: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година.
Пописот во 1991 година бил со нецелосен опфат и затоа во 1994 година повторно е спроведен попис во истата декада. Пописот во 1994 година е прв попис по осомастојувањето. Според пописот во 2002 година во земјава бројот на населението изнесувало 2.022.547, имало 564.296 домаќинства и 698.143 станови. Во 2011 година почна да се реализира ваква статистичка операција, но, таа беше прекината.