Европската комисија потврди дека формално ја информирала полската Влада за паричната казна поврзана за судските реформи и владеењето на правото, јави дописничката на МИА од Брисел.

Полска е осудена од страна на Европскиот суд за правда, по повеќе години прекршочна процедура почната од страна на Европската комисија, да плати околу 70 милиони евра поради тоа што не ја исполни обврската да ја укине реформата за дисциплинирање на судиите.

Ова денеска го потврди портпаролот на Европската Комисија, Кристијан Виганд.

Европскиот суд за правда ја осуди Полска на парична казна минатата есен поради воведувањето на дисциплинска комора за судии. Европската комисија и Судот оценија дека оваа реформа овозможува мешање на извршната власт во независноста на судската, на што Варшава одговори дека е потребна оваа реформа за судството да биде поефикасно.

Европскиот суд за правда и Европската комисија сметаат дека ова образложение на полските власти не е задоволително, рече Виганд.

-Првото барање за исплата е испратено вчера и го покрива периодот од ноември 2022 до јануари 2022, барањата за исплата ќе се праќаат на месечна основа и ја повикуваме Полска итно да се усогласи со правото на ЕУ, додаде портпаролот.

Полска има 45 дена да ја плати казната.