Велика Британија почна со препорака за вакцинација против коронавирус на најранливите деца на возраст од 5 до 11 години, соопшти Националната здравствена служба.
Во споредба со некои други земји, Велика Британија го пролонгира започнувањето на кампањата за вакцинација за деца на возраст од 5 до 11 години и нема намера да ја имунизира целата возрасна група, за разлика од, на пример, САД и Израел.
Британската Национална здравствена служба соопшти дека децата од возрасната група кои се во клиничка ризична група или живеат со луѓе со слаб имунолошки систем ќе можат да бидат инјектирани со првата доза на вакцина против Ковид-19 според упатствата издадени минатиот месец од Заедничкиот комитет за вакцини и имунизации.
– Би сакала родителите и старателите да бидат уверени дека нема да биде одобрена нова вакцина за деца доколку не ги исполнува стандардите за безбедност, квалитет и ефикасност, истакна британската министерка одговорна за вакцините.
Дозите на вакцината на Фајзер/Бионтек, кои ќе им се даваат на децата, се намалени до 10 микрограми, што е една третина од дозата за возрасни.
Бројот на заразени деца на училишна возраст во Англија моментално е висок, а британската Национална статистичка служба проценува дека речиси 12 проценти од помладите ученици биле заразени со коронавирус во неделата што заврши на 22 јануари.