Колку и да манипулира опозицијата, факт е дека во изминатите 5 години се изградени и рехабилитирани 1357 километри патишта во државата, се вели во реакцијата од владејачкиот СДСМ на денешната прес-конференцијата на Синиша Ивановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение целото соопштение од СДСМ:

Крајно несериозно е ВМРО-ДПМНЕ, партијата која мислејќи само на провизии, направи хаос и ја уназади патната инфраструктура, сега да шири дезинформации во врска со изградбата на патиштата.

Резултатот на стручњаците од Белата палата е добро познат. Тоа се погрешни промашени проекти, без планирани клучки и пристапни патишта, бандери оставени на сред пат, грешки какви што квалитетното градежништво досега не видело, а ги плаќаат граѓаните.

Колку и да се обидува ВМРО-ДПМНЕ да манипулира, факт е дека во изминатите 5 години се изградени и рехабилитирани 1357 километри патишта во државата.

Изградбата на патните правци не запре ни за време на пандемијата, туку напротив, реализацијата на зацртаните капитални проекти ја активираше целата градежна оператива на терен. Ова придонесе градежништвото во 2021 година да има раст од 3 отсто, а бројот на работници во градежништвото да се зголеми за 1 процент.

Со тоа се демантираат сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ и институциите што ги предводи градат патишта, градинки, училишта, болници, а не фонтани, барок од стиропор и споменици.

Центар за односи со јавноста на СДСМ