Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Албанија во земјава Фатос Река.

Како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот, Груби и Река размениле мислења за актуелните билатерални односи меѓу Македонија и Албанија и потребата од нивно интензивирање за успешно надминување на предизвиците кон интеграција во Европската Унија.

На средбата Груби, како што се наведува, ја изразил важноста од меѓусебната поддршка што двете земји треба да си ја дадат една на друга во приоритетите за подобрување на животниот стандард на граѓаните и унапредувањето на нивото на комуникација и соработка, како и ефикасната трговија преку создавање современи инфраструктурни предиспозиции.

Груби го информирал амбасадорот Река за фазите на реализација на значајните проекти кои ќе придонесат за една поефикасна инфраструктурна интерконекција меѓу двете земји како што се: Коридорот 8, „Патот на Арбер“, поврзувањето на енергетскиот пренос Битола – Елбасан и други големи проекти.

-Груби и Река се согласија дека С. Македонија и Албанија едногласно продолжуваат да го одржуваат конструктивното партнерство преку заемна помош и поддршка за постигнување на заедничките стратешки цели, полноправното членство во Европската Унија, стои во соопштението.

Двајцата соговорници размениле мислења и за добрососедските односи и строгото спроведување на Охридскиот рамковен договор во согласност со Уставот на Република Македонија, со посебен акцент на почитувањето на јазичната рамноправност и институционалната застапеност.