Условно да се казнат поранешата министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, заменичката – министерка за правда Билјана Бришковска-Бошковски како и Мартин Протуѓер, екс шефот на кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски, а на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески да му биде намалена казната побара обвинителката Лиле Стефанова откако денеска тие и уште четворица други, целосно или делумно признаа дека се виновни за злоупотреба на службената положба и за изборни нерегуларности.
Признавањето вина доаѓа откако денешното рочиште за случајот „Титаник“ почна од почеток бидејќи имаше промена на поротник во судечкиот совет. За оние кои се изјаснија како невини обвинителката Лиле Стефанова побара раздвојување на постапката.
„Го ценам тоа што осуммина обвинети денеска признаа вина во предметот „Титаник“ и тоа е голема олеснителна околност. За другите предлагам да се формира нов предмет, да продолжи постапката и да се закаже главна рсправа.“ – рече Лиле Стефанова јавна обвинителка.
Судијата Осман Шабани го прифати предлогот на Стефанова и пресудата ќе биде изречена на следното рочиште. За тие што рекоа дека не се виновни, Шабани го закажа следното рочиште за девети марти годинава.
Признавајќи ја вината, Јанкулоска меѓу другото кажа дека оваа постапка воопшто не требало да се води.
„Сметам дека оваа постапка не треба воопшто да се води затоа што поранешниот претседател Ѓорге Иванов одлуки за помилување и ослободување од кривично гонење. Сепак, сакам да наведам дека одговорност треба да се преземе и во таа смисла, по однос на наводите во ова обвинение се изјаснувам како виновна.“ – рече Гордана Јанкулоска.
Бришковска-Бошковски, пак, ја прифати вината како лична и професионална одговорност од аспект на функциите кои ги извршувала. И Јанакиески и Протуѓер рекоа дека признавањето на вината го прават и како морален чин но сепак тие не се чувствуваат виновни по една точка од обвинението а тоа е дека злоупотребувале пари за финансирање изборна кампања. .
Освен тие што признаа вина денеска обвинети во Титаник се и поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, екс генералниот секретар на владата Кирил Божиновски, поранешниот пратеник Илија Димовски, некогашниот градоначалник на Пустец Едмонд Темелко како и уште други 12 обвинети за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.