Никола Димитров лаже и се губи во контрадикциите, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција на министерот Никола Димитров.
– Очигледна е намерата на потписниците на капитулантскиот договор да ги сокријат од граѓаните прифатените клучни измени кон обезличување на македонскиот народ и Република Македонија. Димитров потврдува дека на македонскиот народ не му се гарантира идентитет туку државјанство, што е сосема спротивно од зачувувањето на идентитетот. Дополнително, Димитров се обиде индиректно да им се закани на граѓаните дека и да не го поддржат референдумот, власта нема намера да ја почитува нивната волја, туку дека Заев ќе се обиде и на сила да ги испорача уцените, се вели во соопштението.
Ова не е демократија, туку страв од сопствениот народ, се додава во реакцијата на опозициската партија.
– Тоа што е најважно е дека Никола Димитров, потписникот на капитулантскиот договор од Преспа, се обиде да ја изманипулира јавноста дека амандманите со кои треба да се интервенира во Уставот на Република Македонија, ниту се напишани ниту се преговарани. Тоа воопшто не е точно. Прво затоа што Зоран Заев посочи дека ќе се менуваат амандмани и таа промена ќе била непријатна, и со тоа ако се каже пред Референдумот ќе влијаело на резултатот! Втор показател дека власта ги крие амандманите е одговорот на Димитров дека ќе се интервенира во четири амандмани, иако Заев посочи на Преамбулата и два члена на Уставот. Димитров има обврска да каже што ќе се менува и брише во Преамбулата, што ќе се менува и брише во членот на Уставот кој се однесува на непроменливоста на границата и немањето територијални претензии, и секако, каква ќе биде промената и што ќе се избрише во членот на Уставот кој се однесува кон грижата за македонското малцинство во соседството, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттука, се додава во соопштението на партијата, повикуваме уште еднаш, СДСМ и Заев да престанат со криењето од јавноста и да ги објават напишаните и доставените од Грција амандмани кои планираат да ги протуркаат низ институциите и покрај волјата на граѓаните изразена на референдум.