Седумдесет студенти од социјалните категории од цела држава, добија стипендија од Фондацијата ЛЕОРОН, добротворна организација со седиште во Скопје и дел од институтот ЛЕОРОН од Дубаи.

Така, сиромашните македонски синови и ќерки своето образование го продолжуваат со стипендии од добротворни организации, а ќерки и синови на министри и пратеници добиваат високи државни стипендии за школување во странство.

За потсетување, ќерката на министерот Никола Димитров од Владата доби стипендија од 40.000 долари,  а синот на пратеникот Хари Локвенец 113.000 евра за школување во Холандија, односно во Англија.

Студентите, за кои нема државни стипендии, денеска потпишаа едногодишни договори за стипендиите, кои се во вкупна вредност од над 4,3 милиони денари.

Од фондацијата истакнуваат дека вложуваат напори да ги елиминираат разликите во образованието и да обезбедат еднаков пристап до високото образование кај граѓаните.

– Мисијата на Фондацијата ЛЕОРОН е промоција на академскиот развој во заедниците каде што работи. Сигурна сум дека сите вие ќе придонесете кон оваа мисија со вашата работа во нашето општество и заедницата во која живееме, вели Ваљјета Јусуфи, извршен директор на Институтот ЛЕОРОН, стои во денешното соопштение.

Во ЛЕОРОН пристигнале повеќе од 700 апликации за стипендии. На процесот на финализирање на 70-те финалисти му претходела селекција врз основа на социјалната и економската состојба на апликантите, а важна улога играл и академскиот успех на кандидатите.

Инаку, од Фондацијата додаваат дека доделените студентски стипендии се продолжение на цела низа на добротворни активности кои ЛЕОРОН ги организира во повеќе земји, вклучително и Македонија.