Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на денешната пленарна седница во Стразбур изјави дека Русија со својата политика не го загрозува само интегритетот на Украина, туку и европскиот мир.
Тој додаде дека Русија распоредила воени сили без преседан на границата со Украина и оти тоа е агресивно и заканувачко однесување.
– Таквото однесување не ја поткопува само стабилноста и интегритетот на Украина, туку мирот и безбедноста во Европа и меѓународниот поредок заснован на правила, истакна Мишел.
Тој додаде дека вчерашното повлекување на дел од руските војници е сигнал дека Москва е подготвена за дипломатија.
– Апелирам Русија да преземе конкретни и опипливи чекори кон деескалација. Ова е предуслов за искрен политички дијалог. Од една страна нема дипломатија, а од друга страна се распоредуваат војници, истакна Мишел.