Нивото на вакцинација и на целосната имунизација на нашата популација е далеку пониска од западноевропските земји, а за да кажеме дека како во некои земји ќе ги олесниме рестриктивните мерки, треба да имаме над 70 проценти имунизирано населени, изјави денеска во Битола министерот за здравство Беким Сали, кој заедно со заменикот министер Владимир Рендевски ги посети здравствените тимови на пунктот за серолошки скрининг во овој град. Тој оцени дека се намалува пикот на четвртиот ковид-бран и дека имаме благо подобрување на состојбите.
Според планот, како што рече Сали, треба да се направат околу 3.000 тестови, од кои илјада во Скопје, а останата бројка во други градови, која ќе даде појасна слика за тоа колку широко низ населението веќе поминал вирусот ковид-19 и со какви мерки треба здравствените власти да настапат во наредниот период.
На плоштадот во Битола голем број граѓани пројавија интерес да ја проверат својата имунолошка состојба кон коронавирусот. Граѓаните велат дека бесплатното тестирање е добра можност која треба да се искористи.
Некои од граѓаните велат дека случајно поминувале низ плоштадот и кога виделе дека има тестирање, решиле да „се проверат“. Некои од нив велат дека се вакцинирани со кинеските вакцини и дека се несигурни во својот имунитет, други велат дека болеста ја прележале пред повеќе месеци, но дека се плашат дека можеби немаат имунитет кон вирусот од сојот омикрон. Некои граѓани pak, велат дека не се вакцинирани и дека се сомневаат оти можеби „ја минале“ болеста без да имаат симптоми.