Бугарскиот премиер Кирил Петков имал средба со организации и здруженија на Бугари од Македонија при што изјавил дека нивните права му се приоритет нему и на целата бугарска влада, соопштила прес-службата на кабинетот на бугарскиот премиер.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, средбата се одржала на нивна иницијатива, а премиерот Петков ја претставил последната информација за текот на преговорите меѓу Бугарија и Македонија, во чиј фокус е вклучувањето на Бугарите во Уставот на Македонија.
Кирил Петков ја запознал делегацијата за неговите разговори со партнерите од Европската Унија во однос на евроинтеграцијата на Западен Балкан.
Претставниците на македонските Бугари изјавиле дека веруваат во новиот пристап инициран од бугарската влада, затоа што се убедени дека проблемите може да се решат единствено со дијалог.