Вчеравечер, кус временски период беше отежнат или блокиран пристапот до веб-страниците на Народната банка на Македонија (НБ) и домашните банки, како резултат на ДДоС напад.
Ова беше надминато во најкус рок преку мерките кои беа преземени од страна на Народната банка, банките и веб-провајдерите. Безбедноста, односно доверливоста и интегритетот на податоците, во ниту еден момент не беше доведена во прашање, информираат од НБ.
-ДДоС е напад на веб-страниците, во кој огромен број на фиктивни клиенти од различни локации се преправаат дека сакаат да добијат информации од страницата, поради што серверот се преоптоварува и му треба повеќе време за да одговори на барањата од реалните корисници. Но, во ваков случај ниту се исклучува сервисот, ниту пак се менува содржината на веб-страницата, велат од НБ.
Во согласност со глобалните трендови, додаваат, Народна банка, заедно со банките, постојано работи на зајакнување на отпорноста на информативните системи, ги следи новите закани поврзани со дигиталниот простор и континуирано презема мерки во насока на унапредување на сигурносните заштити.
Во врска со хакерскиот напад со соопштение је јави и ТТК Банка:
– Успешно е спречен хакерскиот напад на кој беше изложена интернет страницата на ТТК Банка. Имено, на 22 февруари, во вечерните часови беше направен обид за хакерски упад на интернет страницата на ТТК Банка. Благодарение на ефикасната заштита на системот и брзата реакција, интернет страницата по краток прекин, брзо беше вратена во функција и беше повторно достапна. Нема последици од нападот. Случајот е пријавен во МВР. ТТК Банка останува во постојана и тесна соработка со стручни лица за спроведување на законите со цел за спречување на вакви настани во иднина, се наведува во соопштението од ТТК Банка АД Скопје.
Хакерската група „Моќна грчка армија“ на Твитер обелодени дека нападнала неколку банки во земјава, меѓу кои Централната кооперативна банка, ТТК Банка, УНИ банка, Прокредит банка, НБМ, Стопанска банка АД Битола, Шпаркасе, Комерцијална и други.