Поранешниот премиер Никола Груевски одел во обиколка на скопските општини но за да бара локации за изградба на детски игралишта, a никогаш не бил во обиколка на атрактивни локации на Водно ниту разговарал за тоа дека таму сака да гради дом за живеење, тврдеше во своето сведочење поранешниот шеф на обезбедувањето на Груевски, Дејан Митровски – Урко на денешното судско рочиште за случајот „Плацеви на Водно“.
Прашан дали присуствувал на средба меѓу Никола Груевски и Јордан Камчев, сведокот рече класична средба немало, туку само случајно ако се сретнеле на улица или настан.
На прашање од Судот, дали се грижел за обезбедување на неговиот дом и која е адресата, сведокот рече дека тоа било на улица „Бихаќка” трети кат, стан 15.
– Не можам точно да се сетам кога последен пат сум се сретнал со него, ама мислам 2015 или 2016 година. Откако му заврши мандатот не му бев обезбедување, изјави Митревски.
Според Митревски, Груевски имал нормален однос и со Мијалков, со кого рече дека се гледал не често, додека бил премиер.
Инаку, денеска, прва беше сослушана актерката Софија Куновска, која рече дека во 2012 година била член на Совет на Град Скопје од советничката група на СДСМ, каде иако гласале против предложениот ГУП на Градот Скопје тие биле надгласани и тој бил донесен.
Сведочеше новинарката Ивона Талевска, која рече дека од брифинзите и состаноците во Владата во 2013 година заклучила дека односот со Никола Груевски и Владата биле исклучително лоши.
На прашање од Камчев, дали од тоа може да заклучи дека воопшто немало никаква бизнис релација меѓу него и Груевски додека тој бил премиер, Талевски рече дека, тој тоа јавно го потврдил на прес-конференција во 2013 година, кога рекол дека ниту имал, ниту планирал средба со бизнисменот Камчев.
На прашање од Судот, какви биле односите на Груевски со Мијалков, Талевска рече дека нејзин личен заклучок е дека тие не биле во најдобри односи.
Последен беше сослушан сведокот Оливер Димитровски, основач и сопственик на фирмата за корпоративни недвижности „Њу веј лимитед”, кој рече дека од Орце Камчев добил две локации од кои една на Водно, а една кај Филип 2, додека барал повеќе локации да понуди за можна странска инвестиција за отворање старечки домови, но дека тоа не се остварило.
На денешното рочиште, поради приватни причини, не присуствуваше сведокот Боркица Груевска, која ќе биде сослушана на следното рочиште, закажано на 28 февруари.
Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Лиле Стефанова.