Првиот човек на Соединетите Американски Држави Џозеф Бајден и се обрати на нацијата во врска со ситуацијата во Украина.
Како што претходно беше најавено, претседателот на САД при своето обраќање требаше да ги соопшти најновите мерки против Русија, што и го направи.
На почетокот на своето обраќање тој рече дека се воведува забрана за увоз на руска нафта и гас и други извори на енергија во САД.
„Тоа значи дека руската нафта повеќе нема да пристигнува во американските пристаништа, а нашите граѓани ќе нанесат уште еден гаден удар на воената машинерија на Путин“, рече Бајден.
Тој рече дека оваа одлука има силна поддршка во Конгресот, а како што рече верува и кај народот.
Бајден посочи дека одлуката е донесена по консултации со партнерите ширум светот, особено во Европа.
„Обединетиот одговор на агресијата на Путин беше мојот фокус, сите мора да бидеме обединети“ – рече Бајден, додавајќи дека одлуката е донесена иако САД се свесни дека многу европски партнери нема да можат да ја следат Америка со оваа одлука.
„Произведуваме повеќе нафта од сите европски земји заедно. Затоа ние можеме да го направиме ова, а тие не“ – рече Бајден.
Претседателот на САД рече дека ќе работи со партнерите за да им олесни да не бидат толку зависни од руската енергија.
Бајден истакна дека со Зеленски во изминатите неколку дена се слушал неколку пати, но и со други лидери.
„Досега дадовме повеќе од милијарда долари поддршка за Украина“, рече Бајден.
Тој посочи дека на Украина и се дава поддршка во оружје, но и хуманитарна поддршка во форма на вода, храна и други потреби.
„Во текот на викендот Блинкен беше на границата меѓу Полска и Украина за да ја процени ситуацијата, како и во Молдавија“ – рече Бајден.
Бајден рече дека Камала Харис ќе отпатува во Полска оваа недела за да се сретне со партнерите. Тој посочи и дека вчера разговарал со лидерите на Германија и Франција со цел да се процени ситуацијата во Украина.
„Разговаравме за натамошните чекори што ќе ги преземеме како одговор на оваа агресија. Санкциите што ги воведуваме нанесуваат сериозна штета на руската економија“ – рече Бајден коментирајќи го драстичниот пад на рубљата.