Генералниот директор за проширување и соседска политика на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, денеска во Брисел го означи почетокот на подготовките за преговори за членство на Република Макеоднија во Европската Унија, јави МИА од Брисел.

Даниелсон пред двата преговорачки тима од Албанија и Македонија изјави дека денеска е “почеток на најинтензивниот ангажман во нашата долга врска“.

– Нашите експерти ќе ја објаснат должината и длабочината на европското заедничко законодавство (acquis communautaire), правилата на ЕУ, рече Даниелсон.

Овие два дена македонскиот и албанскиот преговарачки тим ќе ги слушаат експертите од Европската Комисија како им го образложуваат целокупното законодавство и најдобри практики во областа на правдата и фундаменталните права. Во следната една година ќе се одржат уште 32 вакви состаноци за секое поглавје од преговарачкиот процес, што вкупно ги има 33, или 160 илјади страници европски закони и правила што ќе мора да се преточат во домашното законодавство.

Тимовите ќе имаат уште седумдесет вакви состаноци, истакна Даниелсон.

– Мора да има заедничко разбирање за тоа што се правилата на ЕУ за да се подготвите за идното членство, изјави директорот.

Даниелсон посочи дека состанокот за денешното поглавје 23 е фундаментално, не само поради тоа што е тоа новата преговарачка методологија на Европската комисија со новите земји кандидати, туку дека токму реформите поврзани за правдата и владеењето на правото се условите поставени од Советот на ЕУ за ефикасно почнување на преговорите со ЕУ во јуни 2019.