Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска ќе се обрати во генералната дебата на 73. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации. Иванов во попладневните часови, според наше време, ќе говори на тема: „Да ги направиме Обединетите нации релевантни за сите луѓе: Глобално лидерство и заедничка одговорност за мирни, рамноправни и одржливи општества“.

Исто така е предвидено претседателот Иванов да се сретне со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Во работата на 73. Генерално собрание на Обединетите нации, Иванов вчера присуствуваше на состанокот на Советот за безбедност, со кој претседаваше американскиот претседател Доналд Трамп, а на кој се дебатираше за начините на кои ова тело ги надгледува глобалниот мир и безбедноста и можностите за подобро спроведување на резолуциите во врска со неширењето на оружјето за масовно уништување.

Иванов по покана на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, и Федерика Могерини, висок претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, присуствуваше на приемот во делегацијата на Европската Унија при Обединетите нации.

Претседателот Иванов, заедно со својата сопруга Маја Иванова, вчера беше гостин на приемот организиран од претседателот на САД, Трамп, за шефовите на делегациите на 73-то Генерално собрание на Обединетите нации.