Тензично беше денес на седницата на Совет во општина Кисела Вода. На обвинувањата од страна на СДСМ дека новиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски врши партиски вработувања, вработувања на лица од медиуми и роднини во општината, тој одоговори со списоци за вработувањата од страна на претходните градоначалници, меѓу кои само Филип Темелковски имал вкупно колку сите заедно – 64 редовни вработувања и 84 договори.

– Кога сме кај фактичката состојба, да одиме по ред. 2005 година Ѓорѓе Арсов, градоначалник – 36 вработувања. Марјан Ѓорчев 2009 година, градоначалник – 38 вработувања. Билјана Беличанец покојна, 2013 година – 23 вработувања и Филип Темелковски – 64 редовни вработувања. 64 редовни вработувања, тројца заедно градоначалници, Филип сам. И вие ќе зборувате за партизација? Едно редовно вработување имам јас, тоа е Мирко Иваноски секретарот на општината. Не е редовно вработување по оглас туку е со преземање од друга институција. Да не требаше јас да го оставам истиот секретар, вашиот? Немам право јас на свој тим? Или, да бидам прецизен во пари, за 4 години – 3.781.690 евра СДС потрошил народни пари за партиски вработувања. Или во превод, фекалната канализација во Припор, во Бабин Дол чини по проект 3 милиони евра, една фекална канализација завршила во џеб. – рече Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски додаде дека другата болка на СДСМ е што покренале постапка за да ги вратат парите што ги земале луѓето кои не доаѓале на работа и токму од таму ја црпат сета таа нервоза и хистерија.

– На списокот имаме брат на екс директорот на зоолошката градина, не се појавил на работа четири години ама важно паушал земал. Имаме и роднина на актуелниот директор на затворот во Шутка. Не се појавил четири, ама парички земал, а адвокатите земале дупло пари од ова. Шефот на кабинет на Филип Темелковски, Горан Петкоски – 90.000 денари месечно! И вие луѓе ќе ми зборувате за партизација? Ќе ми зборувате за партизација кога Гаши вработен имавме во општината? Кога Закир Бекири – Чауш беше вработен во општината? Не зборам на памет, еве списоци. И, доаѓаме до крајот, 7 унапредувања во време ваше, 0 во наше. Вработени редовен работен однос 64 и 84 договори на дело! Криминал, корупција и по тројца луѓе од штаб донесени овде само да се стават на список. И вие ќе излегувате прес-конференции и беседи ќе држите? Ви кажав и минатата седница, треба четири години да ќутите. – додаде Ѓорѓиевски.

Тој кажа и дека го сфаќа нивниот страв и нервоза, знае и колку од нив биле вмешани во 99-те згради во Расадник. Кажа дека ова е обид за враќање на ударот за она што го блокираат сега а е поврзано со Стоп за урбаната мафија.