Одбраната на Абдилфетах Алими, го пресметува остатокот од казната на нивниот клиент, по делумното помилување пред два дена од претседателот Пендаровски. Од канцеларијата на адвокатот Донче Наков сè уште немаат став, но одлуката на претседателот не помина без политички реакции. Според ВМРО-ДПМНЕ, одлуката е селективна зашто требало да се следи ист пристап и за другите осуденици поврзани со 27 април.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, ја поздрави одлуката за делумно помилување на поранешниот член на собраниското обезбедување, кој на 27 април 2017 година при насилното влегување на илјадници граѓани во Собранието, му го спаси животот.
„Многу се израдував Фета, иако 8 месеци помилување не се ништо во споредба со 7 години неправедно осуден. Мора да бидеш слободен, а не помилуван пријателе. Благодарени е на тебе сум жив, благодарен ќе ти бидам цел живот!“, наведе Села.
Претседателот Пендаровски со решение од 16 март 2022 година помилува вкупно пет лица. Еден од нив е целосно помилуван, а останатите четворица делумно. Ден претходно од кабинетот на претседателот соопштија дека помилуваните ги исполнуваат условите и за нив Комисијата за помилување дала позитивна препорака.
„Министерството за правда доставува предлози за помилување до Кабинетот на претседателот. Комисијата за помилување, како работно тело на претседателот, ги разгледува и оценува случаите и доставува предлози до претседателот кои лица треба да бидат помилувани според законските одредби“, наведоа од Кабинетот на претседателот.
Алими беше приведен во декември 2017 година. Во март 2019 година тој беше осуден на 7 години затвор. Во 2021 година, Апелациониот суд му ја намали казната на 6 години. 8-месечното помилување значи дека Алими ќе лежи вкупно 5 години и 4 месеци затвор во кои е вклучен и притворот. 33 обвинети првично беа обвинети за насилно влегување во Собранието. Од нив 15 беа амнестирани со посебен закон, а 16 добија казни од вкупно 188 години, еден беше ослободен, а за друг имаше посебен судски процес.