Во периодот од 7 декември 2020 година до 15 февруари годинава, преку програмата за економско државјанство, усвоена од владата на Црна Гора – државата инкасирала повеќе од 73 милиони евра, од кои две третини или 50 милиони инвестирале руски граѓани, пишува подгоричка „Побједа“.
Според Центарот за граѓанско образование (ЦГО), Владата на Здравко Кривокапиќ доделила вкупно 317 почесни државјанства, од кои дури 293 се економски. Бидејќи програмата вклучуваше давање црногорско државјанство на странци, односно инвеститори, кои инвестираат меѓу 250.000 и 450.000 евра во Црна Гора, тоа значи дека државата за таа програма инкасирала меѓу 73 милиони и 250 илјади евра и 131 милион и 850 илјади евра.
Владата, се наведува, не соопштува за кои проекти добиле државјанства, а невладиниот сектор предупреди дека обичните граѓани немаат корист од тие пари.
Од 317 почесни државјанства, дури 307 ги предложи премиерот Здравко Кривокапиќ, а останатите 10 се непознати.
Со самото тоа што не се знае кој е предлагачот, се прекршува законот за државјанство, бидејќи според член 14 тоа можат да го направат само тројца претседатели: на државата, на Собранието и претседателот на Владата.
Владата додели најмногу почесни државјанства на луѓето кои доаѓаат од Русија – дури 198, а сите тие државјанства се дадени врз основа на економска програма – покажуваат податоците на ЦГО.
По Русија, најмногу „почесни“ граѓани доаѓаат од Кина – 19, потоа од Украина и Либан – по 14.
Девет почесни државјанства добија лица од Србија, Казахстан и Узбекистан, додека 45 лица од сите други земји на овој начин добија црногорски пасоши.