Голема радост на Македонците и на сите граѓани на Република Македонија донесе синоќешната победа во Палермо на македонската фудбалска репрезентација против повеќекратниот светски првак и актуелен европски шампион, Италија.

Но, исто така, голем револт на социјалните мрежи предизвикаа македонските политичари кои сакаат да го искористат успехот и моментот за себепромоција, а се срамат да го споменат името Македонија.

Меѓу нив се претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министерката Славјанка Петровска, министрите Оливер Спасовски, Љупчо Николовски и други. Тие името Македонија го заменуваат со симбол македонско знаменце.

 

Веројатно, во балансирањето да не ја спомнат придавката Северна оти предизвикува револт кај најголемиот број од Македонците, го жртвуваат името Македонија, за да им се допаднат на Грците и другите од светот што ја притиснаа Република Македонија да си го смени уставното име и по неуспешниот референдум.

За разлика од политичарите, претседателот на Фудбалскиот сојуз на Македонија, Муамед Сејдини, во честитката до фудбалерите го пишува името на државата која играше против Италија.

– Кога ви е потребна инспирација за успех, погледнете ги овие јунаци! Најубавата приказна од Македонија!- напиша Сејдини во честитката на социјалните мрежи.

И така во моменти кога народот има повод да се радува, политичарите во желба да балансираат, го револтираат жртвувајќи го името Македонија поради придавката Северна. Дури и во неофицијални пригоди како што е честитка на социјалните мрежи, во случајов, синоќешната победа на фудбалската репрезентација на Македонија против Италија.

(Д.Г.)