САД и ЕУ минатата недела склучија договор за зголемување на испораката на природен течен гас од САД, но американските методи се косат со стандардите за животна средина на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

За да се намали увозот на руски гас, Европската Унија се сврте кон други партнери, најмоќен меѓу нив се САД. По посетата на американскиот претседател на Брисел минатата недела, ЕУ и САД се усогласија Вашингтон да обезбеди дополнителни 15 милиони кубни метри течен природен гас во текот на оваа година. Рускиот гас во моментов претставува 45 отсто од увозот во ЕУ.

Но бројни организации за заштита на животната средина предупредуваат за контроверзните методи на екстракција на гас во САД познати како фракинг. Фракингот се врши преку хидраулично кршење на карпи за експлоатација на гас од шкрилци. Гасот од шкрилци се смета за штетен и фракингот е строго забранет во бројни земји членки на Европската Унија, како поради штетните последици во смисла на зголемување на стакленичките емисии и загадувањето, така и поради ризикот за почвата.

Европската Комисија денеска на новинарски прашања на оваа тема немаше јасен одговор дали се направени импакт студии за последиците од овој договор помеѓу ЕУ и САД за климата, но тврди дека договорот со Америка ќе ги почитува климатските амбиции на ЕУ.

– Во заедничката изјава на ЕУ и САД минатиот петок има специфична точка што се однесува на интензитетот на природниот течен гас, ЕУ и САД ќе вложат напори да го намалат интензитетот на стакленичките емисии, изјави денеска портпаролот Ерик Мамер.

Тој додаде дека ЕУ и САД ја имаат предвид климатската димензија во склучениот договор за енергетска соработка и ќе се осигурат гасот од ЕУ да биде што помалку јаглеродно интензивен.

Целта на договорот меѓу ЕУ и Вашингтон е да се намали зависноста на Европа од рускиот гас и да се зголеми енергетската безбедност на ЕУ преку соработка со САД на ова поле.

Договорите за снабдување со гас понатаму ќе ги склучуваат самите компании, не Европската Комисија, дообјасни Мамер.

– Целта е да се обезбеди дополнително снабдување за Европа, но договорите ќе ги потпишуваат индивидуални компании, рече портпаролот.