Најтрофејниот украински фудбалски клуб Динамо Киев објави дека ќе одигра серија пријателски натпревари од хуманитарен карактер против повеќе големи европски екипи, со цел да собере средства за својата држава, која е под инвазија од Русија.
– Благодарение на нашите водачи, Динамо ќе ја продолжи меѓународната хуманитарна мисија со серија пријателски натпревари со најдобрите европски екипи, соопшти 16-кратниот украински шампион.
Најавено е дека натпреварите против Барселона и ПСЖ ќе се одиграат во периодот од април до јуни, а како потенцијални ривали на Динамо Киев се наведени и Борусија Дортмунд, Стеауа, Милан, Бенфика, Спортинг Лисабон, Ајакс и Базел.
– Сите дуели ќе бидат под слоганот – „Натпревар за мир! Прекинете ја војната“, се наведува во клупското соопштение.