Апелацискиот суд во Штип ја намали казната на градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев од 18 на шест месеци затвор.
Информацијата ја потврдија од Основниот суд во Струмица.
Апелација ја прифатила жалбата на одбраната на Стојчев на висината на казната со која беше осуден од првостепениот суд на 1,5 година затвор.
Освен на градоначалникот на Ново Село намалени се и казните на неговиот син и внук од една година на три месеци затвор, а на петтообвинетиот, исто така, му е намалена казната од 9 на 3 месеци затвор.
Казната, пак, на сопругата на Стојчев, која беше осудена на една година условно доколку не го повтори делото во наредните две години, остана иста.
На пресудата на Основниот суд во Струмица и висината на казните се жалеше и Јавното обвинителство, но неговата жалба Апелацискиот суд во Штип ја одбил.
На 10 јули годинава градоначалникот на Ново Село, заедно со уште четири лица, беше фатен при обид за шверц на цигари во близина на македонско-бугарската граница. При тоа беа запленети околу 3.300 штеки цигари во вредност од над три милиони денари.