Штрајкот продолжува, Синдикатот не ја прифати понудата на Владата за 10 отсто покачување на платите, одлучи СОНК на денешната седница на Советот. Со оваа одлука останува неизвесно кога ќе продолжи воспитно-образовниот процес, односно кога децата ќе се вратат во градинките, а учениците во училиштата.

На седницата СОНК решаваше за заклучокот на Владата преку ребаланс на Буџетот да се обезбедат пари за зголемување на платите на вработените во образованието и градинките за 10 отсто. „Понуденото од Владата не води кон решавање на проблемот, а со заклучоците се врши притисок врз СОНК“, рече претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на денешната прес-конференција.

Воедно, истакна дека СОНК не чувствува одговорност за прекин на воспитно-образовниот процес.

Како што додаде Неделков, се спори правото на штрајк на СОНК. Тој ги покажа актите со кои е организиран Генералниот штрајк на СОНК и рече дека одредени министри ги заплашуваат штрајкувачите со неисплата на дневниците за време на штрајк. Воедно посочи дека СОНК бара интензивирање на договорите со надлежните со цел доаѓање до решение.